Трејдинг за сиромашни – од живот без шеф до кампања за регрутација

Сѐ почнува со кратко видео: млада девојка во Дубаи, со лаптоп во скут и плажа во позадина, вели дека работи за себе, нема шеф и живее од тргување на берза. „И ти го можеш истото, само прати ми порака“, убедува таа.

Сè почесто на социјалните мрежи популарни меѓу младите одредени „инфлуенсери“ промовираат лесна заработка, брз успех и слобода. Станува збор за група ентузијасти, најчесто млади девојки, кои тврдат дека пронашле пат до финансиска независност без формално образование, искуство или вложување некој поголем напор.

Она што почнува како инспиративна приказна за „живот без шеф“ брзо се претвора во кампања за регрутација. Секој гледач е повикан да стане дел од „тимот“, „семејството“ или „заедницата“, а секој кој ќе изрази сомнеж често велат дека го нема „вистинскиот менталитет“ за успех.

„Дали сакате да си заработувате тргувајќи на берзата без да знаете како функционираат финансиските пазари? Дали сакате да имате пасивен приход и да работите сами за себе? Само слушајте ги трговските сигнали кои ви доаѓаат од вештачката интелигенција на нашата фирма. Не ви треба никакво предзнаење“, ви велат профили на социјалните мрежи, кои пробуваат да ве убедат да се придружите во нивниот тим, за таканаречено форекс трејдање.

Принтскрин од пост на ИнстаграмОд минатата година, на овој начин кај нас интензивно се промовира платформата „Eaconomy“ која пред скоро се ребрендираше во „Iqonic“. Секоја реклама за фирмата на социјалните мрежи, без разлика колку следбеници има промотерот кој ја поставува, содржи исти елементи: примамлив вовед за онлајн бизнис, мотивациона пораката и секако, ветувања за живот од соништата.

Често во видеата за промоција овие „инфлуенсери“ нагласуваат дека работат „мрежен маркетинг“, што значи дека заработуваат од секоја личност што се приклучува на платформата преку нив.

Заинтересираните ги привлекуваат преку курсеви за инвестирање и испраќање „трговски сигнали“ преку социјалната мрежа Телеграм, кои потоа можат да ги користат во своите сметки на онлајн инвестициските платформи. Вештачката интелигенција, која го анализира девизниот пазар (т.н. forex), се вели дека е вклучена во креирањето совети за можности за инвестирање.

„Ако имаш од 18 до 30 години, и сакаш да заработуваш од било каде, пиши ми порака“ вели девојка во видео на ТикТок.

Откако ќе им испратите порака, имате можност да разговарате на телефон за „работата“ со креаторот на видеото. Доколку ви изгеда како добра можност за работа, купувате пакет од 150 евра за „материјали за учење на трејдинг“, а потоа ве додаваат во група на телеграм каде добивате инструкции за таканаречениот „трејдинг“.

За секој месец кој го поминувате како член на платформата, плаќате членарина од 99 евра, а за „трејдингот“ вложувате свои пари по избор.

Ако телефонските разговори и онлајн состаноците не ви се доволно примамливи, се случува и да ви нудат и разни настани и конференции.

Додека ваквите видеа ве убедуваат да се придружите на платформата, регулаторни тела низ светот ве советуваат на спротивното.

Предупредувања во повеќе држави

„Препорачуваме да се внимава со Eaconomy LLC/Eaconomy, или со кој било поединец или ентитет што ги промовира нивните услуги или производи. Eaconomy го промовира својот софтвер со вештачка интелигенција и платформа за „тргување со копии“ (т.е. Manara и Eminus) за бинарни опции, крипто средства и тргување со странска валута. Нивната веб-страница создава севкупен погрешен впечаток дека нејзината платформа за тргување и софтвер може да го олеснат тргувањето, вклучително и со бинарни опции, што е многу сложен и ризичен производ. Загрижени сме бидејќи Eaconomy не е овластена да обезбедува какви било финансиски услуги или производи според законот на Нов Зеланд.“ гласи предупредувањето од Управата за финансиски пазари на Нов Зеланд.

„Eaconomy“ е предмет на повеќекратни предупредувања од странските регулатори, вклучувајќи го и финансискиот надзорен орган на Норвешка, кој предупредува дека платформата функционира како пирамидална шема и неовластен бизнис.

„Норвешката управа за потрошувачи ги надгледува пирамидалните шеми, а добивме и неколку поплаки за Eaconomy. Врз основа на информациите што произлегоа од истрагите и поплаките на Управата за финансиска супервизија што ги добивме, гледаме дека Eaconomy има неколку сличности со нелегалните пирамидални шеми“ стои во објавата за предупредување од надзорниот орган за финансии на Норвешка.

Управата за финансиско однесување (FCA), финансиско регулаторно тело во Обединетото Кралство предупредува дека платформата нуди „финансиски услуги или производи без дозвола“. Оттаму посочуваат и дека треба да се избегнува занимавање со оваа фирма.

Слични предупредувања „Eaconomy“ има добиено и од Канада, Чешка и Словачка.

Фирмата исто така не е регистрирана во Националната асоцијација за фјучерси (NFA) во Америка, каде што е започната компанијата.

Сомнителна позадина

Британецот Хасан Махмуд во 2022 година создава компанијата „Eaconomy“. Веб-страницата на платформата често ги менува домените, а Инстаграм профилот е полн со мотивациони објави, вклучително и лажна насловна страница на Форбс со Махмуд. Списанието никогаш нема објавено сторија за него.

Но, ова не е прва негова фирма. Махмуд до 2019 година е сопственик на пропадната пирамидална шема „SilverstarLive“.

Американската комисија за тргување со фјучерси ги следела прекршувањата нa Законот за стоковна берза почнувајќи од јули 2018 година.

Принтскрин од пост на ИнстаграмСпоред истрагата на Американската комисија за тргување со фјучерси, „SilverstarLive“ и нејзините сопственици, Хасан Махмуд и Кендис Махмуд дејствувале како советници за тргување со стоки, без да бидат регистрирани во Комисијата како такви, преку остварување на дискреционална трговска власт врз девизни трговски сметки на клинети од САД кои не ги исполнуваат условите за склучување на договор.

На Хасан Махмуд и Кендис Рос-Махмуд, исто така, им е наредено да престанат и да се откажат од извршување на дополнителни прекршувања на тргувањето со стоки.

По колапсот на „Silverstar Live“, Хасан Махмуд и Кендис Рос-Махмуд ја рестартираа шемата како „Eaconomy“.

„Eaconomy“, како наследник или клон на „Silverstar Live“, продолжува да функционира и покрај фактот што ниту компанијата ниту нејзините сопственици не се регистрирани во Американската комисија за тргување со фјучерси, со што Кендис и Хасан потенцијално го прекршуваат договорот со комисијата склучен на 4-ти ноември.

Овој месец, сопственикот Хасан Махмуд, на вебинар најави дека фирмата ќе се ребрендира во „Iqonic“.

Според објави на порталот BehindMLM, Еaconomy пропаднала повеќе пати, а третото и последно рестартирање и било во 2021 година, се до 2025 кога фирмата се преименува.

Во првото лансирање на „Eaconomy“, бил вклучен и Сал Лето кој бил потпретседател за операции. Лето е познат по водечките обиди да ја прошири OneCoin Ponzi шемата на Ружа Игнатова во САД.

ПРОДОЛЖУВА…

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press