Штип, 17.05.2017
- Сега не е време за ликување, сега е време за целосна наша посветеност на работата која ја работиме и за која сме квалификувани. Само така, сите заедно, ќе придонесеме нашата Македонија да го фати европскиот пат како наша единствена перспектива. Само така ќе му помогнеме на Зоран Заев во остварување на неговата идеја за живот за сите…
На „тврдокорниот бранител“ на унитарниот карактер на Република Македонија, претседателот Ѓорѓе Иванов конечно му текна дека не може до вечност да ја малтретира државата на чие чело стои. Дека мандатот не му е даден за финти од најдолен вид. Денес, конечно и неотповикливо и тој попушти. Му го додели мандатот на Зоран Заев, човекот во кого најголемиот број граѓани на Македонија гледат водач кон новата, европска перспектива. Перспектива за државата, за своите семејства, за сите луѓе кои сакаат да живеат во вистинска слобода и во европски уредено општество. Без оглед на етничката, верската, партиската или било каква друга посебност.
Но, што ќе најде Заев кога ќе ги отвори државните книги, допрва ќе се види. Дека нема да му биде лесно, тоа бргу ќе се покаже и докаже. Умни луѓе, кои не живеат на државни бенефиции, кои државата си ја сакаат на вистински начин, со години и месеци укажуваа дека Македонија е на европското дно во сите сегменти. Дека таа спирала на стравотниот пад на сé што е нормално мора да се спречи. Зашто аргуменитите говореа и говорат дека сме на дното по демократските вредности кои станаа невредности, во правдата која стана неправда, во слободата на медиумите која стана неслобода поради инсталирањето на клиентелизмот како систем. Поле на кое паднавме за сто места подолу отколку што бевме пред појавата на политичката групација која изврши груба партизација и приватизација на се што е од значење за иднината на нашата Македонија. И конечно, во финансиите, за кои се говори дека се изглодани до коска од партијата која повеќе не е власт.
Од овој аспек на Зоран Заев и неговиот тим ќе им биде пеколно тешко да ја вратат Македонија на еден нормален, проевропски колосек. Факт е дека тој ни е идејата водилка која ни го осветли патот кон нормалноста, но факт е и тоа дека тој сам не може сé. Од тој аспект јасно е дека сме му потребни сите кои на вистински начин си ја сакаме оваа наша татковина. Сега не е време за ликување, сега е време за целосна наша посветеност на работата која ја работиме и за која сме квалификувани да ја извршуваме. Само така, сите заедно, ќе придонесеме Македонија, во последен час, да го фати европскиот пат како наша единствена перспектива. Зашто Македонија денес е како како митската птица Феникс, која на последните парламентарни избори реши дека сака да се издигне од сопствената пепел распослана по целата нејзина територија во последните 11 години.
Конечно, само на еден таков начин ќе докажеме дека на вистински начин сме ја разбрале пораката на Зоран Заев. Порака испорачувана низ неговата повеќегодишна борба за Македонија да стане дел од рзвиениот и слободен свет. Не треба да заборавиме дека Зоран Заев е човекот кој го ризикуваше и својот живот, бидејќи и тој, како и Ганди и Мендела, не сакаше да се откаже од својот сон. Сон за држава во која ќе има ЖИВОТ за сите.
Без оглед на етничката, верската, партиската или било каква друга припадност.