Путин и Трамп нема да се појават во Истанбул за преговори со Зеленски за крај на војната во Украина
Рускиот претседател Владимир Путин испрати советници и заменик-министри на мировни преговори со Украина во Турција. Не е јасно како ќе одговори Украина, пренесува Ројтерс.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека не е подготвен да разговара со никого освен со Путин, кој ги предложи преговорите. Зеленски ќе биде во Анкара, каде ќе се сретне со турскиот претседател Таип Ердоган.
Двете страни последен пат одржаа разговори лице в лице – исто така во Истанбул – во март 2022 година, само неколку недели откако Путин ја испрати својата армија во Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека и тој би можел да оди во Турција доколку таму биде и Путин, но американски официјален претставник рече дека тоа сега нема да се случи.
Отсуството на руските и американските претседатели ги намалува очекувањата за голем пробив во војната. Ќе ве информираме за најновите случувања штом ги добиеме.
- Трамп е отворен за секој механизам што би довел до мир во Украина, изјави Рубио
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави во четвртокот дека Трамп е отворен за секој механизам што би резултирал со праведен мир во војната меѓу Русија и Украина.
Рубио, зборувајќи пред неформалната средба на министрите за надворешни работи во Турција, рече дека САД сакаат да видат напредок во наредните неколку дена. Тој додаде дека не постои воено решение за конфликтот.
Трамп изјави во дека би присуствувал на руско-украинските преговори во Турција во петок „доколку е соодветно“. Зборувајќи во Доха, тој исто така рече дека војната мора да престане.
Зеленски во вторникот изјави дека сака да преговара со Путин лице в лице за безусловен прекин на огнот од 30 дена, бидејќи само рускиот лидер може да воведе таква пауза.
- Што се случи на последните мировни преговори меѓу Русија и Украина?
Руски и украински преговарачи се сретнаа во Белорусија на 28 февруари 2022 година, четири дена по почетокот на целосната инвазија на Русија.
Потоа одржуваа средби преку видео врска, пред повторно да се сретнат лично во Истанбул на 29 март. По тоа разменуваа неколку нацрт-договори до средината на април, кога преговорите пропаднаа.
Според нацрт-документи објавени минатата година од „Њујорк тајмс“, Украина била подготвена да стане трајно неутрална, неврзана и без нуклеарно оружје, без странски трупи или оружје на нејзина територија. Овие услови ќе ѝ го забранеа членството во НАТО, но ќе ѝ овозможеа потенцијално членство во ЕУ.
За возврат, Украина ќе добиеше безбедносни гаранции од група земји, вклучувајќи ги петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција.
Еден делумно усогласен нацрт предвидуваше дека земјите-гаранти – вклучувајќи ја и Русија – ќе ја почитуваат и ќе ја признаат независноста и суверенитетот на Украина и ќе се воздржат од закана или употреба на сила против неа.
Ако Украина беше нападната, таа сакаше гарантите да обезбедат помош што би можела да вклучува „затворање на воздушниот простор над Украина, обезбедување потребно оружје, употреба на вооружена сила за враќање и одржување на безбедноста на Украина како трајно неутрална држава“. Но, Русија инсистираше дека секоја одлука мора да биде одобрена од сите држави-гаранти – што значеше дека Москва ќе има право на вето.
Двете страни имаа големи несогласувања и околу идниот обем на украинските вооружени сили и нејзиниот воен арсенал.
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во февруари изјави дека т.н. „Истанбулски протоколи“ нудат „ориентири“ за идни преговори.
Помошник од Кремљ изјави на почетокот на месецов дека сега предложените мировни преговори треба да го земат предвид договореното во 2022 година и фактот дека Русија сега контролира речиси една петтина од Украина.
Зеленски во декември 2024 изјави дека не постоеле „Истанбулски договори“, туку само преговори во кои Украина одговорила на „ултиматум“ од Русија, но не потпишала ништо.