Глобалните кризи како економската, безбедносната и климатска, кои може да го загрозат развојот на општеството, претставуваат сериозен предизвик за сите држави и заедници. Единствен начин на кој овие кризи може да се решат е со активна вклученост и соработка на сите засегнати страни во наоѓање нови решенија и одговори. Успешната соработка е можна кога се потпира на меѓусебна доверба, доследност, мотивација и транспарентност.
Овој заклучок беше донесен на завршниот настан на четири годишниот проект „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, спроведуван од Еко-свест и финансиски поддржан од Шведска, кој се одржа вчера во Скопје.
Проектот имаше главна цел да ги подигне капацитетите на граѓанскиот сектор за да бидат двигатели на процесите на декарбонизација во земјата, а со тоа и на позитивните промени за засилена заштита на животната средина, пишува во соопштението од Еко-свест.
„Северна Македонија се обврза на зелена транзиција и за ова да се случи потребна е акција од сите релевнатни чинители на локално и на национално ниво. Граѓанскиот сектор мора да биде регулатор и на некој начин да врши притисок на властите за да не застранат од оваа агенда. Транзицијата е предизик, но исто така отвара и многу можности. Граѓанскиот сектор мора да собере релевантни податоци од академските кругови, бизнисите, приватниот сектор и граѓаните за да обезбеди еднаквост во спроведување на политиките за климатска акција.“ – изјави Елизабет Далберг Фриск, заменик амбасадорката на Шведска во Северна Македонија.
Резултатите на проектот беа претставени низ три панел дискусии на кои се образложија предизвиците и можностите во јакнење на знаењата и иницирање учество во донесувањето политики и закони од значење за климатските промени.
Учесниците заклучија дека таму каде што Националната коалиција за клима беше партнер во ко-креирање на политиките, беа изготвени документи кои ги земаат предвид сите аргументи и сите засегнати страни, а процесите обезбедија транспарентност и учење за сите вклучени страни.
„Сметам дека граѓанскиот сектор, преку поддршката од оваа програма, успеа да биде спознаен како ко-креатор на клучни документи и стратегии во делот на климатската заштита и на национално и на локално ниво. Граѓанските организации се партнери го застапуваат јавниот интерес и можат да помогнат на општините и на министерствата во реализација на плановите и програмите. Ваквите позитивни практики значително придонесуваат кон зголемена доверба на граѓаните кон институциите.“ – изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.
Во рамки на проектот Еко-свест додели грантови во висина од вкупно 24 милиони денари на 16 граѓански организации, организираше обуки и менторство на над 60 граѓански организации и спроведе 13 кампањи за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина и климатските промени.
Беа воспоставени институционални партнерства со 34 општини и беше подобрена правната рамка и влијание врз националните политики со вклучување на граѓанските организации во подготовката на новиот закон за климатска акција.
Членството на Коалицијата за клима се зголеми на повеќе од 70 граѓански организации ширум земјата и се изгради во клучен водач во заедничкото застапување за климатска акција.