ЗНМ усвои Декларација за одбрана на професионалното новинарство со апел за почитување на медиумските слободи
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на 26 јуни 2025 година го одржа редовното годишно неизборно собрание во Скопје, на кое едногласно беше усвоена Декларација за одбрана на професионалното новинарство. Со овој документ, ЗНМ упати јасна порака до политичките чинители, институциите и пошироката јавност за потребата од почитување на слободата на медиумите и обезбедување услови за безбедна работа на новинарите.
Во декларацијата се повикува на воздржаност од навреди, дисквалификации и напади врз новинари, а секој обид за притисок врз медиумите се оценува како закана за демократските процеси. Посебен акцент е ставен на периодот пред претстојните локални избори, кога, според ЗНМ, е особено важно да се препознае улогата на независното и професионално новинарство.
Собранието беше искористено и за критичка евалуација на спроведените активности во изминатата година, како и за поставување на приоритети за идниот период. Во своето обраќање, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, изјави:
„Наш приоритет отсекогаш бил и останува подобрување на условите за работа на новинарите, обезбедување законска и институционална заштита, унапредување на транспарентноста на јавните политики и поддршка на независното новинарство. Ова се наши заеднички предизвици кои бараат заедничка посветеност, упорност и меѓусебна доверба. Ви благодарам за довербата и ве повикувам и понатаму заедно да се бориме за достоинствено и слободно новинарство“.
На собранието беа презентирани извештаите за работата на телата на ЗНМ во 2024 година, а членовите дадоа поддршка за засилување на активностите на здружението, особено во контекст на растечките притисоци врз медиумите.
Во изминатата година, ЗНМ организираше над 30 обуки и настани во Скопје и низ регионалните центри, со повеќе од 450 учесници. Обуките опфатија теми како истражувачко новинарство, етика, дигитална безбедност и примена на вештачка интелигенција во медиумите. Преку „ТАЈМ Академијата“ и летниот камп за млади новинари, беше дадена поддршка на новата генерација медиумски професионалци.
Во 2024 година беа пријавени четири физички напади врз новинари, а ЗНМ обезбеди бесплатна правна помош во 66 случаи и психолошка поддршка во 11 случаи.
Дополнително, беше презентиран и Годишниот извештај за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите, како и Индексот за безбедност за 2024 година, изготвени во рамки на регионалната мрежа SafeJournalists. Извештаите покажуваат умерен напредок, но и упатуваат на сериозни предизвици – како бавните судски процеси, економската несигурност, автоцензурата, порастот на онлајн закани и злоупотребата на SLAPP тужби.
Во рамки на собранието беа споделени и резултатите од проектот „Заштита на слободата на изразување и независноста на медиумите“, поддржан од Европската Унија. ЗНМ ги нагласи своите стратешки приоритети – развојот на тематски секции, солидарноста меѓу новинарите, поддршката за младите, како и унапредувањето на правната и медиумската рамка преку застапување и јавни кампањи.
Членовите активно се вклучија во дискусијата со конкретни предлози за унапредување на состојбата во медиумскиот сектор и зајакнување на улогата на новинарите во заштита на јавниот интерес.