Aлијансата за Албанците најостро го осудува уништувањето на Кожув

Алијансата за Албанците најостро го осудува невиденото уништување на животната средина што се случува на планината Кожув, каде компанијата во сопственост на Ѓоко Стерјоски – сопственик на мрежата на казина и обложувалници „Спортлајф“ – уништува илјадници квадратни метри шума за тесни бизнис интереси, притоа загрозувајќи ја биодиверзитетот и сериозно ризикувајќи го еко-системот и квалитетот на живот во целиот регион, се вели во реакцијата од партијата, откако граѓани и активисти пред неколку дена протестираа против изградбата на хидроелектрани на планината.

„Молкот и неприфатливото однесување на министерот за екологија, Изет Меџити, укажува на политичка и финансиска заробеност, што го прави заложник на индустријата за игри на среќа и го спречува да преземе неопходни мерки за заштита на животната средина. Упатуваме јасен повик до Меџити и надлежните институции итно да преземат конкретни чекори за запирање на оваа еколошка катастрофа“, пишува во соопштението на АЛијансата за Албанците.

Според партијата, ова не е само прашање на животна средина, туку и национално и социјално правно прашање.

„Кожув не е приватна сопственост за бизнис интереси, тој е заедничко богатство на граѓаните и мора да се заштити од секоја закана. Алијансата за Албанците ќе бара одговорност од секој службеник што ги штети интересите на граѓаните и животната средина“, се додава во реакцијата.

На 29 јуни Мета пишуваше за протестот на активисти и граѓани во местото Смрдлива Вода, кои беа децидни во ставовите дека нема да дозволат, како што кажаа, да се градат објекти кои би го нарушиле биодиверзитетот на Кожув.

„Со овој протест сакаме да испратиме порака до властите, да им дадеме до знаење дека насекаде хидроелектрани се рушат бидејќи го рушат биодиверзитетот и влијаат врз климатските промени. А ние, наместо со Устав да ги заштитутваме планините, кај нас се дозволува истите да уништуваат. не се работи овде само за реката Дошница. Во Македонија треба да се стопираат сите концесии за изградба на мини хидроелектрани. Ако си ја сакаме државата, треба да ја штитиме и чуваме. Затоа ние нема да дозволиме да се гради. Живеев во Холандија 16 години, дојдов пред неколку години, само за да гласам против рудниците, сега останувам овде за да се борам против хидроелектрани. Отпорот ќе биде голем“, рече за Мета Марина Томова од организацијата „Change makers“ од Гевгелија, која додаде дека наместо да ги штити граѓаните и планините, власта променила закони во поддршка за изградба на хидроелектрани.

Мета поразговара и со Лазар Петров, градоначалникот на Демир Капија кој беше на протестот, а кој истакна дека во конкретниот случај, е на страната на граѓаните и активистите и е на став дека не смеат да се градат хидроелектрани на Кожув.

„Јас сум повеќе за да има базени, брани, акумулации со вода“, рече Петров, кој минатата година, заедно со градоначалниците на Гевгелија и Кавадарци, покренаа иницијатива за прогласување на Кожув за Национален парк, со оглед на фактот дека планината ги опфаќа сите три општини.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press