Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска објави нова група од 16 кандидати за градоначалници за претстојните локални избори, меѓу кои и кандидатите за два од најважните центри – Град Скопје и општина Битола.
Како што соопшти партискиот лидер д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција, потпретседателката на СДСМ и поранешна министерка за животна средина, Каја Шукова, ќе биде кандидат за градоначалник на Град Скопје.
„Кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде потпретседателката на СДСМ и поранешна министерка, Каја Шукова“, изјави Филипче, нагласувајќи дека нејзината кандидатура е резултат на долгорочна внатрепартиска поддршка и искуство во јавната администрација.
За градоначалник на Битола, кандидат на СДСМ ќе биде Методија Куновски, кој е претседател на општинската организација на партијата во Битола.
Покрај овие две клучни кандидатури, СДСМ ги објави и следниве имиња за други општини:
- Перо Костадинов (Валандово, актуелен градоначалник)
- Гоце Милевски (Виница)
- Ванчо Митев (Зрновци)
- Виктор Велевски (Кавадарци)
- Маја Мојсова Мијовска (Карпош)
- Горан Трајковски (Кисела Вода)
- Анес Ахмети (Маврово и Ростуше)
- Петар Спасов (Ново Село)
- Елизабета Зелениковска (Петровец)
- Петра Лукароска (Прилеп)
- Ристо Спасов (Радовиш)
- Дејан Гичев (Свети Николе)
- Горан Стојановски (Чашка, актуелен градоначалник)
- Светлана Митреска Анџелковска (Брвеница)
Ова е втора рунда на соопштување на кандидати на СДСМ за локалните избори, кои ќе се одржат оваа есен, најверојатн ово октомври. Во следниот период, како што најави партијата, ќе бидат објавени и останатите кандидати во сите општини каде што СДСМ настапува со свои или заеднички кандидати.