Ангелов: Пожарот во Трубарево е хибриден напад врз државата

Пожарот што денеска избувна во Трубарево, според првичните сознанија, е намерно подметнат и претставува „хибриден напад врз државата“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

„Според мене се работи за намерно подметнат пожар, не е едноставно да се запали ваков објект. За кратко време имаше пожари на депониите ‘Вардариште’, ‘Дрисла’ и вчера во Шуто Оризари, и денес оваа фабрика. За мотивите, како и за откривање на сторителите работат МВР и останатите служби. Апелирам до сите граѓани на 112 или на кој било друг начин да го пријават секое сомнително поведение“, кажа Ангелов.

Тој појасни дека во објектот имало голема количина пластика, која предизвикала густ црн и веројатно токсичен чад.

„Веднаш до нивните објекти има уште два објекти во кои има поголема количина на пластичен отпад, а се делумно зафатени од пожарот. Нашата прва цел е да не се дозволи ширење на пожарот, затоа сите ресурси кои ги имаме во Скопје се насочени тука,“ додаде тој.

На терен се распоредени три БТР и еден „Хермелин“, скоро сите возила на скопската Противпожарна служба, како и полициски и армиски хеликоптер. Во гаснењето е вклучен и авион „Ер Трактор“ на ДЗС и до сега нема повредени лица.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press