Дариус Конџи е добитник на Златна камера 300 за животно дело на „Браќа Манаки“. наградата вчера му ја додели министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во Пионерскиот дом во Битола. Лауреатот на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ Конџи, е кинематографер со исклучителна деценска кариера кој работел со импозантни режисерски имиња.
„Останав без зборови. Ви благодарам бескрајно. Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда и сакам да и ја посветам на мојата сопруга Мариен за целата нејзина поддршка“, рече Конџи.
Свеченоста се одржа во знак на француската вечер на Фестивалот, во присуство на директорот на Францускиот институт- Скопје, директорот на Агенција за филм, гостите и учесниците на фестивалот и видни личности од културниот живот.
„Дариус Конџи е врвен естет кој по сите критериуми ја заслужува Златната Камера 300 за животен опус, кој до ден денес ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење“, велат од „Браќа Манаки“ и додаваат дека е кинематографер кој соработувал со многу филмски мајстори како Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански и други.
Оваа година тој реализираше три значајни филмски остварувања, соработувајќи со Бонг Џун-хо на неговиот научно-фантастичен свет на репликанти Мики 17, потоа го сними еден од најзначајните модерни вестерн филмови Едингтон во режија на Ари Астер, а моментално во постпродукција е новиот филм на Џош Сафди Врвниот Марти, во кој Тимоти Шаломе го глуми аспиративниот играч по пинг-понг.
Конџи има снимено голем број на музички видеоспотови со реномирани музички поп артисти како Мадона, Џеј-Зи, Лејди Гага, Тејлор Свифт и Еминем и има две номинации за оскар за најдобра кинематограферска дејност за Евита и Бардо.