Едно лице е по истрага на Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи е осомненичен дека во последните два месеца изнудувало пари од жена која живее во странство. Тој телефонски и преку пораки на различни апликации упорно контактирал со жената и и се заканувал по нејзиниот и по животот на нејзините мајка и брат, доколку не му исплати 15.000 евра.
Осомничениот на оштетената и дал рок до 26 септември да ги исплати парите, па се договориле да му испрати 500 евра по Вестерн унион, што таа го направила на 17 септември. За исплата на дополнителни 4.500 евра требало да дојде во земјава и да му ги предаде пред Клиниката за онкологија.
Кога пристигнала во земјава на 25 септември оштетената го пријавила, а штом дошол на договореното место да ги земе парите, осомничениот 37-годишник бил приведен.
Имајќи ги предвид сите околности, опасноста од бегство, можноста да влијае врз сведоците и оштетените или да го повтори делото, јавниот обвинител предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.