СДСМ нема соработка со ДУИ или со Левица, изјави денеска лидерот на опозициската партија Венко Филипче. Тој истакна дека неговата партија на претстојните локални избори ќе настапува заедно со партнерите во нивната коалиција, а од политичките противници ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ побара да не подгреваат национализам и да разговараат за важни и сериозни прашања.
„Тоа се само празни обвинувања. На изборите ќе настапуваме сами, заедно со нашите коалициони партнери. Ги слушам обвинувањата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и сметам дека нема ништо добро во подгревањето национализам, од празни фоскули и обвинувања. Сите политички чинители треба да зборуваат за сериозни теми, како е поставена локалната самоуправа во пресрет на изборите, како ќе се регулираат даноците, за реформи во здравствениот и образовниот систем“ – рече Филипче.
Филипче коментираше и за состојбите во судството, за кое вели дека не е донесен ниту еден реформски закон, а Владата нема капацитет да се справи со предизвиците.
„Од 12 закони што требаше да се донесат оваа година, седум од нив требаше до јуни и уште пет до нова година, но ниту еден не е донесен, а не е ниту поднесен од страна на Министерството за правда во Собранието. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го контролира судството“, рече Филипче.
Тој не се согласува и со констатацијата на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е петта во Европа по раст на платите.
„Реалноста е поинаква, премиерот може да каже што сака, но платите трет месец по ред паѓаат. Граѓаните нема да веруваат во лажни изјави зашто најдобро знаат дали можат да врзат крај со крај во текот на месецот. Навистина не знам зошто Владата не ги користи механизмите што и се на располагање“, рече Филипче.