„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница. Центарот ќе биде придружна единица на европската AI фабрика „Pharos“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори,“ истакна Андоновски.
Тој вели дека претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, вчера најави дека AI фабриките се новата европска инфраструктура за иновации, а со „Везилка“, Македонија станува дел од оваа европска дигитална мрежа. Фон дер Лајен рече дека со ова ќе им се овозможи на компаниите во сите шест земји од Западен Балкан да се поврзат со овие фабрики и да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција.