Министерството за култура ја обвини СДСМ за рушењето на спомен-куќата на Малески

Кривична пријава ќе добие работникот кој вчера, со работна машина, додека изведувал градежни работи, го поткопал темелот од јужниот ѕид на куќата-музеј на Владо Малески во Велешта, струшко, а која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство, информираат денеска во Министерството за внатрешни работи (МВР). Во меѓувреме, пак, реакција во врска со ова стаса и од Министерството за култура и туризам, од каде што ја обвинија опозициската СДСМ за ситуацијата.

„Вчера во 11 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци“, со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство. Увид на местото извршија претставници на Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид“, како и полициски екипи. По целосно расчистување на настанот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“ по член 264 од Кривичниот законик“, информира денеска МВР.

Откако вчера СДСМ објави дека е срушен дел од едно од најголемите културни наследства во Струга, денеска од Министерството за култура и туризам прстот го вперија токму во СДСМ. Од Министерството велат дека дозволата за градба на соседниот објект е издадена во време кога „институциите беа под раководство на СДСМ“, без да објаснат на кои институции мислат имајќи предвид дека социјал-демократите немаа ниту градоначалник ниту мнозинство во Советот на општина Струга.

„Решението за рушење на постојниот соседен објект и изградба на нов објект во сопственост на Зуди Каба од село Велешта, е издадено во периодот кога институциите беа под раководство на СДСМ. Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, наведено е во реакцијата.

Вчера, во соопштение на ОО СДСМ Струга, беше објавено дека се руши дел од спомен-куќата на Малески. Оттаму ги повикаа сите надлежни институции во најкраток можен рок да го истражат случајот.

„Овој чин ја поткопува довербата во институциите. Нерасчистувањето на ова културно злосторство ќе покаже дека има поединци и групи кои се над законите, над сè она што е наследство. Струга отсекогаш ја негувала културата, Струга е градот со кој жителите се гордеат со своите културни дејци, Струга ја чува културната меморија, и така сакаме да продолжиме. Затоа, во име на стружани, бараме итно постапување и одговорност“, наведоа оттаму.

Мета.мк објави видео од рушењето на куќата кое стана вирално и покрена бурна реакција во јавноста.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press