Генералката на Скопје од 72 часа заврши, Ѓорѓиевски вели градот е чист

Завршија првите 72 часа од градоначалничката функција на Орце Ѓорѓиевски и од првото ветување за генерално чистење на Скопје. Новиот градоначалник вчера информираше дека биле собрани повеќе од 4.500 тони отпад, а во акцијата учествувале над 2.500 работници и над 100 возила.

Генералката опфати микролокации отпад околу контејнери и диви депонии, речното корито на Вардар, Плоштадот „Македонија“, кејот на Вардар, Градскиот парк, Жена парк и сите повеќе места кои во минатото, за Ѓорѓиевски биле симбол на срам за градот.

„Нема да дозволам повторно да ја гледаме грдата слика на валкано Скопје“, изјави Ѓорѓиевски и информираше дека во првите 72 часа се изречени повеќе од 40 казни и 70 опомени за физички и правни лица кои несоодветно го одлагаат отпадот.

„Сакам да апелирам до нашиот народ да се однесува одговорно кон животната средина. Несовесното одложување на отпад нема да се толерира и ќе биде казнето. Досега напишани се десетици казни на неколку правни субјекти, а оваа пракса ќе продолжи за секој оној кој го загрозува нашето здравје“, рече Ѓорѓиевски и ги повика граѓаните да се однесуваат одговорно, да го почитуваат јавниот ред и да го одлагаат отпадот совесно.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press