Доделени наградите за најдобрите детски цртежи од ликовниот конкурс на Фондација Рудник САСА

Македонска Каменица, 1909.12.2025

Во пријатна и топла атмосфера, во Македонска Каменица се одржа завршниот настан и свеченото доделување на наградите за најдобрите 12 детски цртежи од годинашниот ликовен конкурс „Рудникот и градот – низ времето и имагинацијата“, што го реализираше Фондација Рудник САСА.

На конкурсот годинава се пријавија 90 деца на возраст од 5 до 15 години, жители на општина Македонска Каменица, како и деца на вработените во САСА. За првпат, наместо цртежите да се изработуваат индивидуално, децата твореа во рамки на организирани креативни ликовни работилници, под менторство на локален ликовен уметник – педагог. Овој нов пристап им овозможи полесно да ја изразат својата имагинација, да се инспирираат едни од други и да ја прикажат својата визија за рудникот, градот и заедницата.

Независна комисија составена од надворешни експерти ги избра најдобрите 12 цртежи, кои најсилно ја отсликуваат поврзаноста меѓу рудникот, природата и секојдневниот живот на жителите. Авторите на избраните дела добија парични награди, а сите учесници беа наградени со благодарници и сетови за цртање и сликање, како охрабрување да продолжат да го развиваат својот талент и љубовта кон уметноста.

Најуспешните цртежи ќе бидат објавени во официјалниот календар на Рудник САСА за 2026 година, како и во други изданија посветени на младите таленти и локалната заедница.

Од Рудник САСА истакнуваат дека конкурсот, кој се организира по четврти пат, претставува значајна иницијатива за поддршка на детската креативност и за зајакнување на врските помеѓу рудникот и Македонска Каменица.

Фондацијата најавува дека и понатаму ќе продолжи да инвестира во активности кои го поттикнуваат талентот, учењето и заедништвото меѓу најмладите.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press