Системот „Сејф сити“ не „се укочил“

Според информациите од Министерството за внатрешни работи од 9 февруари 2026 година, за една недела констатирани се 4.991 сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“, од кои за брзо возење се 4.674, пишува „Вистиномер“

Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Најверојатно камерите во Скопје ќе ги угасат. Све се укочило. Има и пријави до уставен суд. 

Не е точно дека „сè се укочило“ со системот за следење на прекршоци во сообраќајот „Сејф сити“, како што тоа е наведено во објавата што ја рецензираме. Објавата е од 10 февруари 2026 година, а само еден ден претходно Министерството за внатрешни работи информираше за сумарните резултати од употребата на системот. За тој да биде ставен во функција, во Собранието беа изгласани измени на Законот за прекршоците со што тој доби и зелено светло од 1 февруари 2026 година.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи од 9 февруари 2026 година, за една недела констатирани се 4.991 сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“, од кои за брзо возење се 4.674.

Во периодот од 02.02.2026 до 08.02.2026 од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.991 прекршок, од кои 641 мерка за сторен прекршок од страна на возачи кои управувале возило со странски регистарски ознаки. Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 4.674, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 163, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 154 прекршоци, информираа од МВР. 
Ова покажува дека не е точно наведеното во објавата дека „Сејф Сити се укочил“.
Исто така во дадениот период според МВР, изречени се вкупно 288 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 163 се за „минување на црвено светло“, а 125 се за „брзо возење“.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 22.434 возила.Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта, апелираат од Министерството.
Во ниту еден кредибилен медиум нема никакви објави дека имало проблеми со системот „Сејф сити“. односно дека тој се „укочил“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Не е точно дека имало „пријави“ до Уставниот суд, туку има две иницијативи за оценување на уставноста на „Сејф сити“. Првата иницијатива е на подносителите Зијадин Села, Илире Даути и Елми Азири со која се оспорени одредби од Законот за прекршоци, односно според наводите на подносителите, спорна е законската обврска сите граѓани да имаат личен телефонски број и електронска адреса за комуникација со органите, како и тоа што не е предвидено почитување на член 7 од Уставот за употребата на јазиците.

Втората иницијатива до Уставниот суд е од подносителот Или Пачуку кој тврди дека системот се применува селективно, само на територијата на Скопје, Куманово и Тетово и дека тоа создава нерамноправна примена на законот.

Уставниот суд допрва ќе одлучува по овие иницијативи и од нив уште нема исход, а во меѓувреме системот „Сејф сити“ се применува. Делот од објавата каде што се прогнозира дека „најверојатно камерите во Скопје ќе се угасат“ е предвидување кое не е предмет на рецензијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press