Министерството за одбрана наскоро ќе објави конкурс за прием на 300 нови војници во Армијата, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски. Огласот се очекува да биде објавен веднаш по добивањето на потребната документација од Министерството за финансии, со цел процесот да започне веќе во пролетниот рок.
Според Мисајловски, интересот кај младите за приклучување кон Армијата е присутен, а постојниот офицерски кадар и специјалните единици се на високо ниво на обученост. Тој потенцираше дека со зголемувањето на буџетот за одбрана ќе се подобрува и статусот на припадниците на Армијата, вклучително и нивните примања.
– Кога ќе стигнат сите потребни документи од Министерството за финансии, ќе ги објавиме конкурсите. Очекувам тоа да биде веќе во пролетниот период, за што повеќе луѓе да се пријават и да станат дел од Армијата – изјави Мисајловски.
Министерот потсети дека од минатата година платите во Министерството за одбрана се зголемени за 30 проценти, нагласувајќи дека ваквиот тренд ќе продолжи и понатаму.
– Со растот на буџетот ќе се зголемуваат и платите. Целта е да имаме мотивиран и задоволен кадар – истакна тој.
Покрај новите вработувања, Мисајловски најави и решение за задржување на војниците кои ќе наполнат 45 години. Според него, во тек се иницијативи со кои ќе се овозможи тие да останат во Армијата и да продолжат да придонесуваат со своето искуство.
– Работиме на модел кој ќе овозможи сите војници над 45 години да останат активни. Очекувам наскоро да излеземе со решение што ќе биде прифатливо за сите – додаде Мисајловски.
