Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, изјави дека им се извинува на соседните земји кои биле погодени од ирански напади.
„Им се извинувам… на соседните земји што беа нападнати од Иран“, рече Пезешкијан во говор што беше емитуван на иранската државна телевизија, пренесува Агенцијата Франспрес.
Истовремено, агенцијата Ројтерс јави дека Пазешкијан додал оти привремениот совет на иранското раководство одобрил одлука Иран да не изведува напади или ракетни удари врз соседните земји, освен ако напад врз Иран не потекнува од нивна територија.
Овие изјави доаѓаат откако Иран изврши напади врз земји од Персискиот залив кои се домаќини на американски сили, со бранови од ракети и дронови, како одмазда по американско-израелските напади што започнаа минатата сабота.
Претходно во Саудиска Арабија се сретнаа министерот за одбрана на Саудиска Арабија, принцот Халид бин Салман, и началникот на пакистанската армија, генерал Сајед Асим Мунир. Тие разговарале токму за иранските напади со дронови и ракети и за „заедничките мерки потребни за нивно запирање“.
Двете земји минатата година потпишаа пакт за меѓусебна одбрана во кој се наведува дека „секој напад врз една од двете земји ќе се смета како напад врз двете“.
Во соопштение објавено на платформата X, пакистанските вооружени сили наведоа:
„Двете страни изразија надеж и желба братската земја Иран да покаже претпазливост и мудрост за да се избегне каква било погрешна проценка и да се зајакнат напорите на пријателските земји кои се залагаат за мирно решавање на кризата“.
