Нестабилно време денес: Дожд, грмежи, силен ветер и можност за локално невреме низ Македонија

Променливо и нестабилно време со дожд, грмежи и силен ветер ја очекува Македонија денес, а метеоролозите предупредуваат дека на одредени места временските услови може да прераснат и во локално невреме.
Според прогнозите, во текот на денот времето ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд и грмежи на повеќе места низ земјата. Ќе дува засилен северен ветер со брзина над 50 километри на час, а локално временските процеси ќе бидат поинтензивни.
Метеоролозите предупредуваат дека во одделни региони се можни пообилни врнежи, силни грмежи и ветер кој може да достигне и над 60 километри на час. Не се исклучува ниту изолирана појава на град.
Утринските температури ќе се движат од околу 9 до 14 степени, додека максималните дневни температури ќе достигнат од 21 до 28 степени, зависно од регионот.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и грмежи. Во делови од котлината се очекуваат услови за краткотрајно невреме проследено со интензивен пороен дожд, засилен ветер и можна изолирана појава на град.
Надлежните препорачуваат внимателност при движење на отворено, особено во попладневните часови кога се очекува засилување на нестабилната временска состојба.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press