САД соопштија дека викендов извеле напади врз ирански воени цели, додека Техеран тврди дека возвратил со напад врз американска воена база. Ова претставува трета позната ескалација во последната недела во областа на Ормутскиот Теснец, пренесува Би-Би-Си Њуз.
Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека нападите биле изведени во „самоодбрана“, како одговор на, како што наведува, „агресивни дејствија на Иран“, меѓу кои и соборување на американски дрон над меѓународни води.
Од друга страна, Иранската револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека нападнала воздушна база што американските сили ја користеле за напади врз јужен Иран, без да ја открие точната локација.
Во меѓувреме, Кувајт, каде што се наоѓа американска воена база, соопшти дека неговите системи за противвоздушна одбрана пресретнуваат „непријателски ракетни и беспилотни напади“, без дополнителни детали.
Американскиот претседател, Доналд Трамп рано утринава преку социјалната мрежа Truth Social ги повика критичарите „да седнат и да се релаксираат“, оценувајќи дека „на крајот сè ќе заврши добро“. Тој додаде дека Иран „навистина сака договор“ и дека тоа би бил „добар договор за САД“.
Најновите напади доаѓаат откако разговорите за договор што треба да стави крај на повеќемесечниот конфликт меѓу двете земји не донесоа напредок во текот на викендот. Американските медиуми објавија дека Трамп побарал измени во предложениот текст на договорот.
Минатата недела Техеран нападна воздушна база во Кувајт како одговор на претходни американски воздушни напади. САД тврдат дека тие акции биле насочени кон спречување на ирански бродови и ракетни системи да поставуваат мини во близина на пловниот коридор.
Иако прекинот на огнот стапи во сила на 8 април, Трамп повеќепати изјави дека САД и Иран се блиску до траен договор и дека преговорите напредуваат. Сепак, досега не е постигнат официјален договор.
Трамп и неговите најблиски советници во петокот одржале состанок за да донесат конечна одлука за рамката за продолжување на прекинот на огнот, но состанокот завршил без јасен договор за следните чекори.
Според CBS News, најновиот предлог предвидува 60-дневен прекин на насилствата, повторно отворање на Ормутскиот Теснец за поморски сообраќај и обновување на преговорите за иранската нуклеарна програма.
