По нападите во Либан, Иран се закани со затворање на Ормутскиот теснец

Иран соопшти дека го затвора Ормутскиот теснец по серијата израелски напади во Либан, потег што се заканува да го загрози кревкиот привремен мировен договор со САД, потпишан пред само неколку дена, пренесува Гардијан.

Исламската револуционерна гарда (ИРГ) ги предупреди бродовите да не се приближуваат до стратешкиот морски премин. Како причина ги наведе, како што рече, израелските злосторства во Либан и наводното американско прекршување на обврските за воспоставување примирје таму.

Сепак, не е јасно дали заканата навистина е спроведена и дали ќе влијае врз разговорите меѓу Иран и САД закажани за во недела во Швајцарија, кои треба да го започнат процесот на претворање на привремениот договор во подетален договор за иранската нуклеарна програма.

Вашингтон негира дека Ормутскиот теснец е затворен.

„Иран не го контролира Ормутскиот теснец. Поморскиот сообраќај продолжува и американските сили ја следат ситуацијата за да обезбедат тоа да остане така“, изјави за Ројтерс портпаролот на Централната команда на САД, капетанот Тим Хокинс.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека очекува во наредните денови да отпатува во Швајцарија за да учествува во преговорите. Пакистан, кој посредува во процесот, соопшти дека разговорите ќе се одржат според планот, а медиумите во Техеран објавија дека делегација од високи ирански функционери веќе заминала кон Швајцарија.

Во меѓувреме, продолжуваат судирите меѓу Израел и Хезболах во Либан, кои се покажуваат како главна закана за новиот договор меѓу САД и Иран.

Според локалните власти, во израелски напади врз јужен Либан во саботата загинале најмалку 16 лица, и покрај извештаите за обновено примирје. Либанската цивилна заштита соопшти дека во болница биле пренесени 16 загинати и 12 повредени лица од областа Набатие.

Привремениот договор меѓу САД и Иран предвидува прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан. Сепак, договорот беше остро критикуван од израелски министри и официјални лица, кои сметаат дека го ограничува Израел во спротивставувањето на заканите од Хезболах.

Последната рунда од конфликтот меѓу Израел и Хезболах започна неколку дена по американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари. Оттогаш, Хезболах изведува ракетни и дронски напади врз северен Израел, додека израелските сили окупираа делови од јужен Либан со цел создавање „тампон-зона“.

Континуираното насилство и дипломатските несогласувања околу разговорите меѓу Иран и САД дополнително ги засилија сомнежите дека во блиска иднина може да се постигне траен мир во конфликтот кој досега однесе најмалку 7.000 животи, предизвика раст на цените на енергенсите и закани за глобалната економија.

Привремениот договор потпишан оваа недела предвидува САД да ја укинат поморската блокада, а Иран повторно да го отвори Ормутскиот теснец, кој Техеран го затвори за поголемиот дел од бродскиот сообраќај по почетокот на конфликтот.

Преговарачите ќе имаат рок од 60 дена да постигнат конечен договор за иранската нуклеарна програма, со можност тој рок да биде продолжен. Многу аналитичари предупредуваат дека два месеца се премалку за решавање на толку сложено прашање, потсетувајќи дека нуклеарниот договор од 2015 година се преговараше повеќе од 18 месеци.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press