Претстава, изложба и концерт на Скопско лето

Вечерва, 1 јули, со почеток во 20:30 часот во Едукативниот културен центар – Лабараториум, ќе се одигра театарска претстава „Кокошка“ на Независниот театар Вортекс во копродукција со НУ Театар Комедија.

Претставата „Кокошка“ е создадена според Николај Кољада, во режија на Теодора Силјаноска. Костимограф е Maрија Пупучевска, соработник за сценски движења Дарко Велиќ, изборот на сценографија и музика е на Teoдора Силјаноска, додека дизајнер на плакатот е Михаил Велески. Фотографиите се на Луција Спасовска.

Играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева.

„Кокошка“ се занимава со копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сѐ постуден и апатичен. Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите создаваат жив театарски чин како начин да се справат со сопствениот внатрешен хаос и извитоперените вредности што ги опкружуваат. Налик на џезери, импровизатори, аматери и големи професионалци тие играат против непредвидливото и тешко изговорливото. Во срцето на претставата е младоста, која како бесна глиста вража и ги буди заспаните копнежи за нешто поубаво. „Кокошката“ е немирна, искрена и гладна за промена, судрена со стравот, рамнодушноста и затворениот систем.

Утре, со почеток во 19:00 часот во Националната галерија на Македонија – Мала станица ќе се отвори фотографска изложба на Зоран Андонов и Драги Неделчевски насловена „Два погледа на документарната фотографија“. Куратор на изложбата е Александар Кондев.

Изложбата на Зоран Андонов и Драги Неделчевски претставува две различни, но длабоко поврзани визии на документарната фотографија. Низ фотографии создадени во текот на повеќе децении, Андонов го бележи ритамот на јавниот живот и колективните ритуали, додека Неделчевски го насочува погледот кон тивките, секојдневни сцени исполнети со лична и поетска атмосфера. Две различни авторски перспективи што заедно создаваат интимен и искрен визуелен дијалог за времето, животот и погледот кон светот.

Истата вечер (02.07.2026г. – четвтрок) со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт насловен „Кларинет во придружен гудачки квартет“. Изведувачи се: Бранко Павловски – кларинет, Камелија Дуковска Зефиќ – прва виолина, Бранислав Автовски – втора виолина, Марија Димитријевиќ – виола и Енис Аљи – виолончело.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press