Аргентинци, Аргентинци… многу Аргентинци и тренер од Аргентина! И пак не бива, не бива и не бива. Вардар да не треба и вода да носи од Аргентина, освен чаевите кои ги носат „гаучосите“ за да им фати иљачот и да им тргне конечно, некогаш или сепак никогаш!? Убиствена филозофија на едноумие во нашиот најголем фудбалски бренд кој удри во бетон вчеравечер во Скопје на дуелот со непознатиот, ама силен и среден тим од Финска, кој славеше со убедливи 0:2. КУП (С), проблеми му создаде првакот на Финска на нашиот, македонскиот шампион, кој среде Скопје доби лекција по модерен фудбал. Лекција по тоа како треба да изгледа еден клуб, селекција на тим и игра на терен од прв до последен свиреж на судијата. Тоа се вика план, стратегија и селекција.
Кристијан Фабиани, многу фалениот тренер кој дојде да направи посилен Вардар, доби лекција од 34 годишно момче. Толкава е возраста на Мика Нутинен, тренерот на Финците кој доаѓа од пределите на Лапонија (земјата на Дедо Мраз), и нема фотографија со Лео Меси и останатите аргентински ѕвезди, но тоа што тој го има е далеку повеќе од тоа што сите на КУП во Вардар го немаат. Знаење! Тој учи, спроведува, организира и има резултати. Резултати кои се гледаат со око, игра која е убава за око, но за негова среќа го нема Мичо… Е тука се отвара „пандорината кутија“ и главниот проблем во Вардар.
Кој е Мичо, човекот кој го „уништи“ Вардар!?
