Деветмина загинати во руски напади врз Киев, тројца во бомбашки напад во Москва

Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 30 беа повредени во руски ракетни и беспилотни напади врз Киев. Часови подоцна, три лица загинаа при експлозија на бомба во ресторан во центарот на Москва додека украинските сили потопија руски брод во Црното Море.

Во Киев биле погодени станбени згради и други објекти во најмалку пет градски области. Во населбата Дарница загинале седум лица, а во Соломјанската област уште две. Меѓу повредените има и деца, објави Би-би-си.

Во еден од нападите бил оштетен петкатен станбен објект, по што избувнал пожар. Спасувачките екипи евакуирале десетици жители, додека дел од луѓето останале затрупани под урнатините. Оштетена била и амбасадата на Литванија.

Според украинските власти, Русија во нападот употребила балистички ракети и голем број беспилотни летала. Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара од западните сојузници дополнителни системи „Патриот“, предупредувајќи дека земјата нема доволно средства за пресретнување балистички проектили.

Истовремено, Украина соопшти дека нејзините поморски дронови го погодиле рускиот контејнерски брод „Јанина“ во Црното Море. Бродот, со кој управува компанија во сопственост на руската државна нуклеарна корпорација „Росатом“, потонал на околу 240 километри од пристаништето Новоросијск.

Сите 17 членови на екипажот биле спасени. „Росатом“ тврди дека бродот пловел во меѓународни води и превезувал цивилна стока, меѓу која замрзната храна и градежни материјали. Нема информации дека на него имало нуклеарен материјал.

Во одделен инцидент, три лица загинаа, а најмалку 21 беа повредени при експлозија во италијанскиот ресторан „Балзи Роси“ на плоштадот Кудринскаја во центарот на Москва.

Според руските власти, неидентификувана жена се обидела да внесе импровизирана експлозивна направа во ресторанот, но била запрена од обезбедувањето. Бомбата потоа експлодирала, при што загинале жената, припадникот на обезбедувањето и еден гостин, објави Би-би-си.

Ресторанот бил затворен за приватен настан, а околината по експлозијата била блокирана од полицијата. Руските власти не ги објавија имињата на жртвите, ниту соопштија кој би можел да стои зад нападот.

Истрагата продолжува, а засега нема потврдени информации што ја поврзуваат експлозијата со Украина или со војната.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press