Магична вечер со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“

Во преполното Предворје на црквата „Света Софија“, светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ приредија незаборавна музичка вечер која ја одбележаа врвни интерпретации, силни емоции и извонредна атмосфера. Концертот се одржа во рамки на програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Сцената, внимателно уредена и осветлена со стотици свеќи, создаде посебен амбиент кој совршено ја надополни музичката програма и на публиката ѝ понуди несекојдневно аудиовизуелно доживување.

На програмата беа изведени „Серенада за гудачи“ оп. 48 од Петар Илич Чајковски, „Возлет на чучулигата“ од Ралф Вон Вилијамс, „Интродукција и Рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс, како и виртуозната „Кармен“ фантазија оп. 25 од Пабло де Сарасате, едно од најсложените и највпечатливи дела во виолинската литература, кое бара исклучителна техничка подготвеност и уметничка зрелост.

Под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, Миленковиќ уште еднаш ја потврди својата репутација на еден од најистакнатите виолинисти на денешницата. Со сигурност, прецизност и длабока музикалност тој ја воодушеви фестивалската публика, која со долги аплаузи и овации ја наградуваше секоја негова изведба.

Миленковиќ, кој е миленик на фестивалската публика на „Охридско лето“ и овојпат ја покажа својата виртуозност над виолината со која владее уште од неговата најрана детска возраст.

– Секогаш со големо задоволство настапувам со „Профундис“. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но пред сè, со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Секогаш сум среќен кога повторно доаѓам на „Охридско лето“. Овој фестивал има посебно место во моето срце, а охридската публика секогаш ме пречекува со голема топлина и љубов. Вистинско задоволство е повторно да се биде дел од оваа прекрасна фестивалска атмосфера, вели Миленковиќ.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press