Атриум ја најавува скопската проекција на партиципативниот експериментален филм „Земјиште“, создаден како резултат на повеќемесечен истражувачки процес со интергенерациски колектив од Битола и поширокиот пелагониски регион, во рамки на проектите „Предочени различности“ и „Интергенерациски визуелни траектории“.
По премиерните проекции во Битола и Прилеп и гостувањето на фестивалот ВИА во Вртешка, „Земјиште“ ќе биде прикажан и пред скопската публика во КСП Јадро на 25 септември (петок) со почеток од 20 часот. По проекцијата ќе следи кино форум заедно со припадниците на интергенерацискиот соавторски колектив, и промоција на публикацијата „Земјиште – рефлексивни и критички осврти“, што произлегува од неколкумесечниот истражувачки и создавачки процес.
Публикацијата собира дел од искуствата, размислите и согледувањата што го следеа проектот – од појдовните тематски определби, до методолошките пристапи со кои се служевме – посветувајќи се и кон широката слика на создавање партиципативен филм со интергенерациски колектив, на децентрализирана основа.
Процесот се одвиваше во текот на неколку месеци и опфати работилници во кои учесниците, преку разговор, театарски и психодрамски техники, визуелно и аудиовизуелно истражување, работа со камера и заедничка рефлексија активно учествуваа во создавањето на филмот. Проектот беше поставен како простор за развивање колективно авторство, во кој учесниците беа активни соавтори и носители на сопствените наративи, со директен придонес во развојот и обликувањето на делото.
„Земјиште“ се бави со едно наследено, исцрпено парче земја, што ја носи тивката меморија на пет жени кои со години се враќаат за да копаат, да јадат и да си заминат, повторувајќи ритуал што одамна ја загубил смислата, но не и формата. Рутината се урива кога една од нив го продава својот дел од имотот, верувајќи дека се ослободува, а всушност тивко го поместува темелот врз кој стои нивното заедништво.
Од Атриум споделуваат дека проектот претставувал и обид културниот и уметничкиот процес да биде преместен од вообичаените практики на филмско создавање и да се ситуира во поразлични контексти. „Битола и Пелагонија, за нас претставуваат простор во кој се одвиваше значаен дел од процесот – од формирањето на колективот и
истражувањето, до снимањето и создавањето на филмот. Токму оваа децентрализација ни овозможи да воспоставиме директен однос со локалната заедница, да создаваме солидарности и заедништва, и да создадеме дело што е по мотиви на пошироки интергенерациски согледувања, споделени лични и колективни искуства.“
Свој придонес кон проектната реализација дадоа:
