Православните христијани денеска, 27 септември, го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, во народот познато како Крстовден.
Овој голем христијански празник е посветен на Крстот како симбол на Христовото страдање, но и на победата на животот над смртта. Во храмовите се служат празнични богослужби, а верниците со молитва и поклонение се потсетуваат на жртвата на Исус Христос.
На Крстовден се чествуваат два значајни настана од црковното предание: пронаоѓањето на Крстот на кој бил распнат Исус Христос и неговото враќање од Персија во Ерусалим.
Како бил пронајден Чесниот Крст
Според преданието, светата царица Елена, мајката на царот Константин Велики, отпатувала во Светата Земја со желба да го пронајде Крстот Христов.
По долго пребарување, старец по име Јуда го открил местото каде што се верувало дека е закопан Крстот. На Голгота, над тоа место, во времето на римскиот цар Адријан бил изграден пагански храм посветен на Венера.
По наредба на царицата храмот бил отстранет, а при ископувањата биле пронајдени три крста. Бидејќи Христос бил распнат заедно со двајца разбојници, не можело веднаш да се утврди кој од пронајдените крстови е неговиот.
Црковното предание раскажува дека во близина поминувала погребна поворка. Ерусалимскиот патријарх Макариј наредил трите крста еден по еден да бидат положени врз покојникот. Кога бил допрен со третиот крст, тој оживеал, а подоцна со истиот Крст била исцелена и тешко болна жена.
Така било утврдено кој е Чесниот и Животворен Крст Христов.
Патријархот Макариј потоа го издигнал високо за да може да го види насобраниот народ. Верниците се поклонувале и со солзи ја повторувале молитвата: „Господи, помилуј“.
Токму од овој чин на издигнување, односно воздвижение, празникот го добил своето име. Царицата Елена наредила Крстот да биде сместен и чуван во сребрен ковчег.
Враќањето на Крстот во Ерусалим
Вториот настан што се одбележува на Крстовден е враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим.
Кога персискиот цар Хозрој го освоил Ерусалим, голем број жители биле одведени во ропство, а Чесниот Крст бил пренесен во Персија. Таму останал 14 години.
Во 628 година византискиот цар Ираклиј ја победил персиската војска и го вратил Крстот во Ерусалим. Според преданието, царот, облечен во раскошна царска облека, го носел Крстот на своите плеќи, но пред портите на градот одеднаш застанал и не можел да продолжи.
Патријархот Захарија му објаснил дека Христос по истиот пат одел бос, понижен и без царска слава. Ираклиј тогаш ја соблекол раскошната облека, се облекол скромно и бос го однел Крстот до Голгота, каде што бил положен во храмот на Христовото Воскресение.
Празник на молитвата, смирението и надежта
Во христијанското учење Крстот не е само потсетување на страдањето, туку и знак на спасението, пожртвуваноста, простувањето и надежта.
Празникот ги повикува верниците на смирение, покајание и духовно преиспитување. Крстовден традиционално се одбележува со пост, без оглед на тоа во кој ден од седмицата се паѓа. Бидејќи годинава празникот се слави во недела, според православниот календар постот е на масло.
Верниците денеска ги посетуваат храмовите, присуствуваат на светите литургии и се поклонуваат пред Крстот, кој во православната вера се почитува како знак на Христовата победа над смртта и извор на духовна сила.
На многу години празникот – за здравје, мир и спасение!
