Четири награди за НУ Турски театар – Скопје на Интернационалниот театарски фестивал Dyrrachium во Драч
Претставата „Слепци“ на НУ Турскиот театар – Скопје освои дури четири фестивалски признанија на првото издание на Интернационалниот театарски фестивал Dyrrachium во Драч, Албанија. (15-25 Септември 2026)
Главната награда на фестивалот – за Најдобар ансамбл – му припадна на актерскиот ансамбл на НУ Турски театар за целокупната актерска изведба во претставата „Слепци“. Претставата ја освои и наградата за Најдобра претстава, додека Ќендрим Ријани беше награден за Најдобар режисер. Посебно признание од жири-комисијата ѝ беше доделено на актерката Сузан Акбелге.

„Слепци“ е сценски спој инспириран од делото „Слепци“ на Морис Метерлинк и книгата „Погубни идентитети“ на Амин Малуф. Преку приказната за единаесет ликови кои се обидуваат да го најдат патот назад, претставата отвора прашања за идентитетот, припадноста, различностите и човековата потреба да го пронајде своето место во светот.

Четирите признанија од Драч се значајно меѓународно признание за актерскиот ансамбл и авторскиот тим на „Слепци“, како и за уметничката работа на НУ Турскиот театар – Скопје.

