Пет навики што можат да ви помогнат да останете здрави за време на сезоната на вируси

Сезоната на настинки и грип носи зголемен ризик од респираторни инфекции, вклучувајќи ги обичната настинка и грипот. Иако не постои сигурен начин целосно да се избегне болеста, неколку секојдневни навики можат да го намалат ризикот од инфекција и да ги ублажат симптомите.

Семејниот лекар д-р Арон Блок објаснува дека превенцијата се сведува на практични мерки како што се вакцинација, почист воздух во затворени простории, миење на рацете и општо одржување на здравјето, пренесува Healthline.

Користете повеќе стратегии за намалување на ризикот

Еден од најефикасните начини да се заштитите за време на сезоната на респираторни вируси е да комбинирате неколку превентивни мерки наместо да се потпирате само на една.

„За време на пандемијата на КОВИД-19, научивме неколку работи кои остануваат корисни за секоја сезона на респираторни вируси. Мојата кратка листа е: вакцинирајте се според препораките, подобрете го квалитетот на воздухот во просториите што ги делите со други, мијте ги рацете и останете дома ако сте болни. Маската што добро прилепува на лицето обезбедува дополнителна заштита на преполни места, особено ако вие или некој близок спаѓате во ризична група“, вели д-р Блок.

Поддржете го имунитетот преку секојдневни навики

Поддршката на имунолошкиот систем не бара сложени рутини. Наместо тоа, фокусирајте се на неколку навики што можете реално да ги одржувате: спијте доволно, бидете физички активни, хранете се разновидно и хранливо и најдете начини за справување со стресот.

Спиењето е одлична почетна точка. Студија од 2026 година, во која учествувале 521 пациент, покажала дека луѓето со несоница имале двојно поголема веројатност да добијат инфекција или болест слична на грип. Д-р Блок објаснува дека студијата не докажува директно оти подобриот сон спречува болести, но нуди уште една добра причина да го сфатиме спиењето сериозно.

Физичката активност исто така помага. Истражувањата сугерираат дека поактивните луѓе се соочуваат со помал ризик од одредени инфекции. Не мора да тренирате интензивно; целта е едноставно редовно да се движите на начин што вам ви одговара.

Стресот влијае на тоа како телото реагира на болести. Хроничниот стрес е поврзан со поголема веројатност за инфекција и послаб одговор на некои вакцини. Одморот, дружењето и активностите за релаксација се други начини да го поддржите вашето здравје.

Важно е и што јадете. Избирајте храна што обезбедува протеини, витамини и минерали.

„Протеините, овошјето, зеленчукот и интегралните житарки го снабдуваат имунолошкиот систем со потребните суровини. Недостатокот на овие хранливи материи може да ја наруши нормалната функција на имунитетот“, забележува д-р Блок.

Бидете внимателни со витамините и додатоците во исхраната

Полиците полни со додатоци можат да бидат примамливи, но повеќе не значи секогаш подобро.

„Би почнал со најмалку возбудливиот одговор: подобро е да се надомести вистинскиот недостаток на хранливи материи отколку да се купуваат многу производи со ознака ’за зајакнување на имунитетот‘“, објаснува д-р Блок, додавајќи: „Ниту еден додаток не може да ја замени вакцинацијата, спиењето или намалувањето на изложеноста на вируси.“

За повеќето луѓе, редовното земање витамин Ц не ја спречува обичната настинка, иако може малку да го скрати времетраењето на симптомите или да ја намали нивната сериозност. Д-р Блок препорачува внесување витамин Ц преку цитрусно овошје, пиперки, јагоди, брокула и домати. Додатоците се опција само ако не внесувате доволно од него преку исхраната.

Витаминот Д може да биде корисен за луѓето со недостаток, иако доказите во врска со неговата ефикасност во спречувањето на респираторни инфекции се неубедливи. Д-р Блок советува да се консултирате со лекар за тестирање и дозирање, бидејќи прекумерните количини на овој витамин можат да се акумулираат во телото и да бидат штетни.

Некои студии сугерираат дека пробиотиците можат да ја намалат фреквенцијата на одредени инфекции на горниот респираторен тракт. Бидејќи цревата играат клучна улога во имунитетот, здравата рамнотежа на цревните бактерии му помага на телото да се бори против бактериите. Можете да го поддржите ова со јадење храна богата со растителни влакна.

Дејствувајте брзо ако не се чувствувате добро

Ако се разбудите со гребење во грлото, затнат нос или болки во телото, можеби нема веднаш да знаете дали станува збор за настинка или грип. За повеќето здрави возрасни лица, првите чекори се едноставни. Важно е да се следи развојот на симптомите, да се одмора доволно и да се одржува хидратацијата, како и да се консултирате со лекар доколку симптомите се влошат или продолжат.

Не постои брзо решение за вообичаените вирусни заболувања. Дајте му време на телото, наспијте се и пијте многу течности, како што се вода, чај или супа. Ако имате покачена температура, ќе ви требаат повеќе течности од вообичаено. Лековите што се достапни без рецепт нема да ја излекуваат настинката, но можат да го направат закрепнувањето попријатно.

Опциите вклучуваат парацетамол или ибупрофен за температура и болка, спреј за нос со физиолошки раствор, пастили за грло и мед за смирување на кашлицата. Побарајте лекарска помош доколку почувствувате тешкотии при дишењето, знаци на тешка дехидратација или ако симптомите се влошат откако претходно малку се подобриле.

Препознајте ги сопствените фактори на ризик

Се чини дека некои луѓе го „фаќаат“ секој вирус што кружи, но тоа не мора да значи дека нивниот имунолошки систем е слаб. „Изложеноста игра огромна улога. Животот со деца, работата со многу луѓе или грижата за болни лица им даваат на вирусите повеќе можности да ве нападнат“, објаснува д-р Блок.

Честото разболување може едноставно да одразува колку често доаѓате во контакт со вируси. Сепак, возраста, бременоста и хроничните заболувања можат да го зголемат ризикот од тешки форми на болеста.

„Ако некој има невообичаено чести или тешки инфекции кои бавно поминуваат, треба да разговара со лекар наместо да купува уште едно шишенце со додатоци во исхраната“, заклучува д-р Блок.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе