Железничката поврзаност на Скопје со главните градови во соседството би можела значително да се подобри во следните години, преку повеќе проекти што се поврзани со Коридорите VIII и X.
Поголем дел од инфраструктурните зафати веќе се во различни фази на реализација, додека повторното воспоставување на железничката линија меѓу Скопје и Приштина е најавено за 2027 година.
На источниот правец, Македонија треба да добие целосна железничка врска со Бугарија. Во мај 2027 година е планиран почеток на изградбата на последната делница од македонска страна, од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од околу 23 километри.
Делницата Куманово–Бељаковце, долга околу 31 километар, веќе е завршена, додека се работи на делот Бељаковце–Крива Паланка. Според актуелните планови, оваа делница треба да биде завршена во 2028 година.
За изградбата на источниот железнички коридор е обезбеден финансиски пакет од околу 560 милиони евра, составен од заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, како и европски грантови.
Кон Србија, фокусот е на модернизацијата на Коридорот X. Почетокот на работите на трасата Табановце–Гевгелија е најавен за април 2027 година. Проектот опфаќа модернизација и електрификација на пругата, а на одредени делови е предвидена и изградба на втор колосек.
Со реконструкцијата се планира железничкиот сообраќај да биде значително побрз, при што патничките возови би можеле да достигнуваат брзина до 160 километри на час.
