Бугарија денеска избира претседател, се гласа и во Македонија на седум локации

Денеска граѓаните на Бугарија гласаат на избори за претседател и подпретседател на државата, а гласање е организирано и за бугарските државјани во Македонија.
Според анкетите, фаворити во трката меѓу 27 кандидати се вршителот на должноста претседател, 61-годишната Илијана Јотова, и поранешниот технички премиер, 50-годишниот Андреј Ѓуров.
Иако претседателската функција е главно церемонијална, гласањето доби дополнително значење по серијата напади со беспилотни летала врз трговски бродови крај бугарскиот брег на Црното Море, во кои, според проценките, загинале околу дваесетина морнари од различни земји.
Нападите, кои предизвикаа меѓународна осуда и загриженост поради проширувањето на војната во Украина, ја поттикнаа владата да побара помош од сојузниците за зајакнување на поморската безбедност.
Бугарија не ја обвини директно Русија за извршување на нападите, но премиерот Румен Радев изјави дека исходот од нив ѝ оди во прилог на Руската Федерација.
Двајцата водечки претседателски кандидати ги осудија нападите, но имаат различни ставови во однос на војната во целина.
Ѓуров, кој оваа година беше технички премиер, има поддршка од прозападните, реформски партии и долго време ја поддржува Украина. За време на неговиот мандат како премиер, тој потпиша договор за безбедносна соработка со Киев.
„Сакам Бугарија да има свој глас во Европа. Да биде доверлив сојузник во НАТО, кој ги брани своите интереси преку подготвеност, силна дипломатија и јасен став“, рече тој на еден собир во четвртокот.
Јотова, која претходно беше потпретседателка, стана вршител на должноста претседател во јануари, откако Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори. Тој победи на тие избори, настапувајќи со платформа која многу политички аналитичари ја оценија како наклонета кон Кремљ. Радев ја поддржува Јотова, а и двајцата се залагаат за дипломатско завршување на војната.
Доколку победи, Јотова ќе стане првата избрана жена претседател на Бугарија.
„Моите противници тврдат дека е неопходна војна на исцрпување“, изјави таа на собир во четвртокот. „Вистината е дека токму ние сме тие што сме најмногу исцрпени.“ Анкетите на „Алфа Рисрч“ ѝ даваат на Јотова 41 % од гласовите, а на Ѓуров 28 %. Доколку ниту еден кандидат не освои мнозинство, на 1 ноември ќе се одржи втор круг на гласање.

Во Македонија за денешните избори се определени седум гласачки локации во повеќе градови низ земјата, каде за гласање се пријавиле едвај 265 бугарски државјани. Бројот на заинтересирани гласачи е помал во однос на претходните парламентарни избори кои се одржаа во април годинава, кога гласале 463 лица со бугарски пасоши.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе