Дел од услугите на Микрософт не функционираат, блокирани се и државни институции и милиони корисници

Микрософт се соочи со глобален прекин во функционирање на некои од своите услуги, вклучувајќи ги Тимс, Аутлук и софтверот за вештачка интелигенција Копилот, кои се соочуваат со проблеми со поврзувањето. Во четвртокот пристигна голем број пријави за проблеми со услугите на Микрософт, а од компанијата наведуваат дека причината било зголемено оптоварување на нивната инфраструктура, што значи дека серверите биле изложени на поголем притисок од вообичаеното. Бидејќи инфраструктурата на Микрософт ја користат и други технолошки компании, се појавија и дополнителни проблеми кај фирми како Опен АИ и Антропик, кои исто така пријавија потешкотии во функционирањето на своите алатки.

Технолошкиот гигант првично изјави дека гледа позитивни резултати во напорите за повторно активирање на услугите. Сепак, неколку часа подоцна, во дополнително соопштение наведоа дека поправките не се одвиваат како што се очекувало и дека сè уште работат на решавање на проблемите на повеќе фронтови.

Чарлс Ламана, еден од раководителите во Микрософт, изјави дека ова не претставува инцидент поврзан со сајбер-безбедноста.

Од владини системи во Сингапур и Јапонија, преку австралиски разузнавачки служби, па сè до комуникациските системи на Врховниот суд на Филипините последиците од овој прекин се чувствуваат во најмалку 74 земји ширум светот. Повеќе од 430 милиони луѓе користат апликации од пакетот Микрософт 365.

Во своето најново соопштение, Микрософт  наведува дека промените, чија цел била подобрување на услугите и отстранување на прекинот, не ги даваат очекуваните резултати. Компанијата тестира други начини за решавање на проблемот, со цел да овозможи пристап до платформите за поголем број корисници, без притоа да ги преоптовари системите. Претходно, од компанијата предупредија дека услугите што биле повторно активирани може повторно да престанат да одговараат штом ќе се соочат со зголемен сообраќај.

Особено е погодена услугата за е-пошта Аутлук и кај многу корисници таа е во прекин. Од Микрософт наведуваат дека корисниците, исто така, можеби нема да можат да прегледуваат одредени датотеки или детали во апликациите за календар. Услугите за размена на пораки и онлајн состаноци главно функционираат.

Прекинот влијаеше и на австралиските разузнавачки служби и федералната полиција, иако официјалните лица наведуваат дека влијанието е минимално.

„Проблемите со кои се соочуваат се однесуваат главно на системот за е-пошта“, изјави за новинарите Мајк Бурџес, шеф на Австралиската организација за безбедносно разузнавање (ASIO). И други даватели на јавни услуги во Австралија потврдија дека се погодени од прекинот, но исто така наведуваат дека тоа главно се однесува на електронската пошта.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе