Мајкрософт велат дека напредуваат со напорите за опоравување на нивните сервиси по глобалниот прекин
Мајкрософт постепено ги обновува своите услуги по големиот глобален прекин што од четвртокот ги оневозможи или отежна пристапот до Outlook, Microsoft Teams, Copilot и други алатки од пакетот Microsoft 365, пренесува Асошиејтед Прес.
Компанијата соопшти дека постигнала напредок во обновувањето на инфраструктурата во азиско-пацифичкиот регион, каде што дел од системите повторно се ставени во функција. Сообраќајот постепено се враќа, а се забележува подобрување во пристапот до електронската пошта и обработката на задоцнетите пораки. Сепак, дел од корисниците сè уште може да имаат повремени проблеми.
Мајкрософт продолжува да работи на обновување на инфраструктурата и во другите региони, додека истовремено се обидува да го зголеми капацитетот на системите и да ја стабилизира работата на услугите.
Прекинот имаше последици и за институции и компании во повеќе земји. Јапонската влада потврди дека биле погодени нејзините информатички системи, додека владините електронски пораки во Сингапур биле недостапни. Проблеми имале и Врховниот суд на Филипините, како и авиокомпаниите „Ер Индија“ и „ИндиГо“, чии системи за електронска комуникација со патниците биле нарушени. Летовите на двете компании продолжиле нормално.
Според податоците на платформата Downdetector, во четвртокот околу 130.000 корисници од десетици земји пријавиле проблеми со пристапот до Outlook, иако бројот на пријави потоа почнал да опаѓа.
Мајкрософт засега нема индикации дека прекинот е предизвикан од кибернапад. Компанијата најави дека подетални информации за причините ќе објави откако целосно ќе го реши проблемот.
