Дебитантскиот долгометражен игран филм „Сладоста на горчливите нешта“, по сценарио и во режија на Андреј Волкашин, ја имаше својата светска премиера на 17 ноември во Apollo Kino Plaza во Талин, во рамките на натпреварувачката програма First Feature Competition на 30. Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF).
На премиерата присуствуваа режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска. По проекцијата следеше разговор со публиката, посветен на создавањето на филмот, неговите ликови и темите за љубовта, личната слобода и општествените очекувања.
Филмот беше одлично прифатен од присутните, а во реакциите особено беа издвоени актерските остварувања на Зорица Нушева и Лео Поповиќ, авторскиот пристап на Волкашин и визуелната поетика на филмот. Интерес предизвикаа и елементите на магичниот реализам и улогата на природата во градењето на атмосферата.
„Преку приказната за Дора сакав да истражам што се случува кога љубовта ќе нè соочи со самите себе, со нашите стравови и со сè она што сме го потиснувале. Се надевам дека публиката ќе ги разбере нејзините чувства и ќе препознае дека луѓето се сложени суштества и дека секој има право да живее автентично и сам да избере кого ќе сака“, истакнува режисерот и сценарист Андреј Волкашин.

Продуцентката Елена Станишева ја нагласува комуникацијата што филмот ја воспоставува со меѓународната публика.
„За мене, како продуцентка, најголемата вредност на еден филм е неговата способност да допре до меѓународната публика и да воспостави комуникација со неа, независно од различните културни и општествени контексти. Иако во својата основа е приказна за забранетата љубов, филмот отвора пошироки прашања за изборите што ги правиме, нашите стравови, копнежи и желби, особено кога тие се во конфликт со правилата и очекувањата во кои сме воспитани и според кои живееме. Верувам дека токму во тој судир лежи неговата универзалност. Особено ми е драго што филмот предизвикува реакции, допира до публиката и поттикнува дискусија“, истакнува Станишева.
