БОЧВАРСКИ: Новиот лик на Штип ќе го го градиме со граѓаните
Штип, 03.11.2017
Благој Бочварски, новиот штипски градоначалник денеска ја презеде функција. Убавиот момент не го засени ниту одбивањето на неговиот претходник Илчо Захариев да дојде на настанот за културно, демократски па ако сакате и машки да ја предаде функцијата. Тој едноставно одби да го направи тој цивилизиран чин без да објаснува зашто одлучил да постапи така.
Сепак целата церемонија помина во една преубава, релаксирачка атмосфера на која тон и даваше новиот градоначалник. Откако се поздрави со сите кои беа пред и во кабинетот, Благој Бочварски рече дека Штип ќе оди напред во својот развој, и дека во таа работа ќе биде вклучен секој добронамерен граѓанин.
„Денес влегов во кабинетот за и официјално да ја превземам највисоката градска функција. Сакам јавно да го изнесам своето уверување дека ќе имам добра соработка со целата администрација, со јавните претпријатија, со медиумите, со граѓаните. Имаме големи, потребни и за градот и општината убави проекти, па сетот тоа заедно со новите идеи кои ќе дојдат од разни страни, упорно и посветено ќе работиме градот да си го врати епитетот на важен регионален центар. Новиот лик на градот ќе го градиме со граѓаните“, рече Бочварски.
БОЧВАРСКИ: Денес влегов во кабинетот за и официјално да ја превземам највисоката градска функција. Сакам јавно да го изнесам своето уверување дека ќе остварам добра соработка со целата администрација, со јавните претпријатија, со медиумите, со граѓаните
На новинарско прашање да го коментира фактот дека Захариев не дојде цивилизирано да го предаде мандатот, Бочварски го даде следниот одговор:
„Во цела Република Македонија примопредавањето на оваа функција се одвиваше достоинствено и на еден културен начин. Само во Штип тоа не се случи. Ќе беше добро на овој убав чин да беше поранешниот градоначалник за од прва рака да бидам запознат со се што се случува во општината, со состојбата на буџетот, во јавните претпријатија…Но, ете тој одлучил да не биде присутен, а зошто донел таква одлука ќе морате него да си го прашате“, рече новиот штипски градоначалник.
Тој информира дека уште од утре ќе ѓи повика раководните структури на јавните претпријатија.-„Тоа е неопходно зашто очекувам тие да ме запознаат со виустинските состојби кај нив. Посебно е неопходно да видиме какква е состојбата во ЈП „Исар“ за каде се зборува дека постојат големи проблеми, дека вработените не си ја имаат на време земено платата и дека на сметката нема доволно пари за тоа“, порача Бочварски.