Шефот на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата ќе се брани од какви било закани во вселената, по извештаите дека Русија се подготвува да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје. Според германски медиуми, овој месец меѓу земјите-членки на НАТО биле споделени разузнавачки извештаи за можно лансирање во следните 60 дена. Не е јасно која земја ги изготвила овие извештаи.
Прашан за овие наводи, Руте рече: „Секогаш ќе се грижиме да го одбраниме секој педа од територијата на НАТО, а тоа вклучува и осигурување на нашата безбедност кога станува збор за вселенската димензија“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не ги видел најновите извештаи, но ги отфрли наводите што се повикуваат на непознати извори, оценувајќи ги како недостојни за сериозно сфаќање.
Руската амбасада во Берлин за германските медиуми изјави дека ги отфрла, како што ги нарече, неоснованите обвинувања и додаде дека извештаите се дел од пропагандна кампања.
На прес-конференција во Берлин, Руте изјави дека НАТО располага со низа опции за одговор.
„Кога станува збор за воената сфера, постојано ќе ја проценуваме нашата способност за одвраќање и одбрана, и ќе правиме соодветни прилагодувања таму каде што е потребно“, рече тој.
Повикувајќи се на анонимни германски воени и разузнавачки извори, медиумите НДР и ВДР, како и весникот „Зидојче цајтунг“, објавија дека рускиот сателит, наречен „Спутник-С“, е опремен со нуклеарна боева глава. Тој би можел да се користи за онеспособување или уништување на други сателити, вклучително и важни сателити за комуникација и набљудување.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, стоејќи покрај Руте, ниту ги потврди ниту ги демантираше извештаите за руските планови, но истакна дека тие го откриваат нивото на ескалација на кое Русија очигледно е подготвена да оди.
„Извештаите дека Русија планира да внесе нуклеарно оружје во вселената не се нови, но сепак се крајно шокантни“, рече тој.
Како што пренесува агенцијата АФП, портпарол на германската влада претходно исто така ниту ги потврди ниту ги демантираше извештаите, но нагласи дека тие се сфаќаат многу сериозно. Сепак, портпаролот предупреди да не се создава прекумерна вознемиреност поради хипотетички опасности.
Јозеф Ашбахер, шефот на Европската вселенска агенција, изјави дека присуството на нуклеарно оружје во вселената претставува најлошото можно сценарио, пренесува германскиот весник „Ханделсблат“. Русија е потписничка на Договорот за вселената од 1967 година, со кој се забранува поставување оружје за масовно уништување во орбитата. Други земји, вклучително и САД и Кина, распоредиле или планираат да распоредат други видови оружје во вселената, истражувајќи можности кои не се опфатени со договорот, како што е напаѓање на сателити на ривалите кои се клучни за воените комуникации, надзорот и навигацијата.
Во 2024 година, САД тврдеа дека Русија развива противсателитско оружје базирано во вселената, опремено со нуклеарна боева глава. Русија го отфрли ова обвинување.
„Нашиот став е јасен и транспарентен. Отсекогаш сме биле категорично против распоредувањето нуклеарно оружје во вселената и сè уште сме против тоа“, изјави тогаш претседателот Владимир Путин.
Во септември, секретарот на американските воздухопловни сили, Трој Меинк, изјави дека САД поседуваат оружје за контрола на вселената кое кружи околу планетата, но не наведе детали. Како одговор на оваа изјава, портпаролот на Кремљ, Песков, им изјави на руските медиуми дека вселената мора да биде ослободена од секаков вид оружје.
