Американскиот јавен обвинител Бланш избегна да одговори дали Енвидија е под истрага

Американскиот јавен обвинител Тод Бланш ја опиша компанијата Енвидија како добар корпоративен субјект, но одби да коментира дали производителот на чипови за вештачка интелигенција е предмет на федерална истрага. Бланш изјави дека нема информации за статусот на безбедносната проверка на Џенсен Хуанг, кој повторно ја презеде функцијата извршен директор. Ова доаѓа во момент кога законодавците бараат одговори за вмешаноста на претседателот Доналд Трамп во враќањето на Хуанг на чело на компанијата.

Хуанг се врати на својата позиција помалку од две недели откако беше принуден да поднесе оставка, откако излегоа на виделина детали за негови афери надвор од бракот, вклучително и една со наводна кинеска шпионка. Кога во вторникот неколку пати беше прашан дали Министерството за правда или ФБИ воделе истрага против Хуанг, Бланш одговори: „Не знам за што зборувате“.

Предвидено е Хуанг следната недела да се појави пред Конгресот, каде ќе биде испрашуван за прашања поврзани со националната безбедност, а кои се однесуваат на неговата врска со наводна кинеска шпионка. Таа била на чело на „Мегаспид“ корпоративен клиент на Енвидија со седиште во Сингапур.

Трамп изјави дека би размислил да го помилува Хуанг за какви било потенцијални кривични дела, иако смета дека до тоа нема да дојде.

„Претпоставувам дека тоа е секогаш опција, но не верувам дека ќе биде потребно“, изјави Трамп за „Њујорк пост“ во интервју објавено во вторникот.
Американското Министерство за трговија, исто така, најави дека подготвува ставање на технолошката компанија „Мегаспид“ на „црната листа“, поради сомневања дека помогнала во пренасочување на напредни чипови кон Кина.

Во заедничка изјава минатата недела, Министерството за трговија и Министерството за правда соопштија дека во 2024 година започнале истрага против „Мегаспид“ поради можни прекршувања на контролата на извозот. Сепак, во разговор со новинарите во вторникот, Бланш истакна дека Министерството за правда во секој даден момент води „стотици, ако не и повеќе“ истраги поврзани со извозот.

„Затоа, кога велите дека истрагата за извозот сè уште трае – не знам за што зборувате“, рече тој. На прашањето дали е задоволен од соработката на Енвидија во обидите да се утврди дали компанијата, или самиот Хуанг, знаеле дека одредени чипови се пренасочуваат кон Кина, Бланш изјави: „Немам причина да стојам овде и да тврдам дека Енвидија не е одговорен корпоративен субјект“.

„Се разбира, доколку Енвидија беше цел или предмет на кривична истрага, или пак доколку ја попречуваше или саботираше нашата истрага, тогаш тоа немаше да биде пораката што претседателот ќе им ја упатеше на американските граѓани“.

„А не би била ниту пораката што јас би ја испратил“.

Иако пазарната вредност на Енвидија нагло порасна по објавата за повторното назначување на Хуанг, дел од тие добивки беа изгубени за време на нестабилното тргување во вторникот.
Цената на акциите на компанијата забележа пад од речиси 6% на крајот од денот, но сепак остана значително повисока во споредба со нивото од крајот на минатата недела. Во понеделникот, акциите на Енвидија скокнаа за повеќе од 31% по веста за враќањето на Хуанг.

Според извештаите, во вторникот – еден ден откако се врати во компанијата како главен извршен директор – Хуанг им се извинил на вработените во Енвидија, признавајќи дека направил „ужасни грешки“ и дека сега посетува терапија во времетраење од 90 минути дневно.
Управниот одбор на компанијата го врати Хуанг на функцијата во понеделникот, што претставуваше неочекуван пресврт. Харви Џонс, претседател на Управниот одбор на Енвидија, изјави дека враќањето на Хуанг е во „најдобар интерес на нашите акционери, вработени, партнери и клиенти“.

Во понеделникот, Трамп изјави дека разговарал со директорите на компанијата и ги убедил да го вратат Хуанг.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе