Охрид, 11. јануари 2018
Во функција на развојот на туризмот и квалитетот на живеењето, локалната самоправа во Охрид, традиционално, спроведува акција за избор на најубаво уредени дворови со новогодишни украси и амбиент.
Годинава, за најубаво уредени,избрани се дворовите на Наумче Неданоски, Марјан Шапкароски и Македонка Дервушоска. Првонаградениот Наумче Неданоски, е редовен учесник, минатата година ja освои втората награда.
Годинава аплицираа 12 семејства, а комисија формирана од градоначалникот ги избра најдобрите три. Во донесувањето на конечната одлука пресудни биле нијанси, истакна секретарот на општина Охрид, Игор Бежоски, при доделување на пофалниците.
– Веќе четврти пат се објавува ваков конкурс. Радува фактот што од година во година се повеќе семејства покрај внатрешното празнично украсување на домот, ги украсуваат и своите балкони и дворови. Со тоа ни помагаат и нас во интенцијата Охрид да биде и најукрасен град во Македонија, а и преку овој избор помагаме во туристичкиот развј на градот, рече Бежоски.
Првонаградениот Наумче Неданоски рече дека на оваа манифестација се пријавил по вторпат, но веќе 15-на години го украсува својот дом и дворната површина за новогодишните празници.
Годинава, за најубаво уредени,избрани се дворовите на Наумче Неданоски, Марјан Шапкароски и Македонка Дервушоска. Првонаградениот Неданоски, е редовен учесник, минатата година ja освои втората награда.
– Лани освоив второ место и тоа ми даде поттик да украсувам и понатаму. Имаме традиција да го украсуваме дворот и со тоа не само што го разубавуваме нашиот двор, туку и околината, нашата населба и градот. Поттик даваме и на поширок план. По нашата улица минуваат многу луѓе, па така овие изминати денови многу луѓе застануваа, се сликаа со големиот Дедо Мраз висок 4 метри. Годинава голем придонес во украсувањето имаа мојот внук Александар и неговата избраничка Теодора. Јас порано сам украсував, но сега тие се главните креатори. Се надевам и после нас ќе продолжат да го украсуваат семејниот двор, истакна Неданоски.
Наградниот фонд за оваа намена годинава беше 20.000 денари, од кои семејството Неданоски добија 10.000, Шапкароски 6.000 и Дервушоска 4.000 денари.