Штип, 18.04.2018
По Илчо Захариев, бивш градоначалник на Штип и Игно Иванов, поранешен директор на ЈП „Стипион“, кривична пријава стигна и на адреса на Ангел Бојаџиев, екс директор на ЈП „Исар“.
Всушност Бојаџиев доби две кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување. Со првата пријава екс директорот на најважното штипско јавно претпријатие се соминичи дека без одлука на Управниот одбор на претпријатието со штетни договори го обврзал претпријатието да плаќа високи суми за адвокатски услуги. Договорите биле во корист на адвокат од Штип и локална фирма.
„Во првиот случај на 03.07.2017 година пријавениот, како директор на јавното претпријатие „Исар“ – Штип, без изготвен и одобрен финансиски план на годишно ниво и без одлука на управниот одбор на Јавното претпријатие, склучил договор за адвокатски услуги со адвокат од Штип, со важност до 15.08.2021 година, со што започнувајќи од 15.08.2018 година го обврзал Јавното претпријати да плаќа по 33.880 денари месечно за адвокатски услуги. Притоа со клаузула во договорот, според која, доколку договорот биде раскинат Јавното претпријатие е обврзано да ја плати целата сума за целиот период од четири години. Со ова пријавениот создал обврска на јавното претпријатие од вкупно 1.699.065 денари. Во вториот случај, пак, во текот на минатата година пријавениот, исто така, без изготвен и одобрен финансиски план на годишно ниво и без одлука на управниот одбор на Јавното претпријатие, склучил три договори за услуги со правно лице од Штип со важност до 2021 година со клаузула според која доколку договорите бидат раскинати Јавното претпријатие е обврзано да ја плати целата сума за целиот периодот од три години. Со ова пријавениот создал обврска на Јавното претпријатие “Исар” од вкупно 4.460.400 денари“, стои во кривичната пријава поднесена од СВР Штип до штипското Основното јавно обвинителство.