Кочани, 24.04.2018
Никола Јанакиев Карев, македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на македонската револуционерна организација и претседател на Крушевската Република добива споменик на Свиланово, место близу селото Рајчани во општина Кочани. Со тоа, 113 години по неговото убиство (27 април 1905 година) Карев се „враќа“ на местото на кое е убиен.
Сегашното спомен обележје на Никола Карев се наоѓа на влезот од селото Тркање, во непосредна близина на патот Штип-Кочани. Секоја година, на 27 април, делегации и граѓани од општините Кочани и Чешиново-Облешево го посетуваат споменикот и положуваат свежо цвеќе а млади поети читаат револуционерни песни.
Во петок, на 27 април, двете спомнати општини и Центарот за развој на источниот плански регион, на Свиланово ќе го промовираат проектот Изградба на спомен обележје на местото на кое во 1905 година загина Никола Карев. Чествувањето ќе започне во 9,30 часот со посета на споменикот кај село Тркање, а час подоцна и на Свиланово.
Проектот е финансиран од буџетот на Република Македонија преку Програмата за развој на планските региони од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, а кофинансиери се општините Кочани и Чешиново-Облешево.