Кочани, 28.06.2018
На 5 јули започнуваат настаните од манифестацијата „Петровденски конаци“, со која Кочани ќе го одбележи Петровден, Празникот на Општината.
Во програмата што заеднички ја организираат Општина Кочани и Центарот за култура „Бели мугри“ се влезени десет културни содржини од сценско-музичка, ликовна, литературна и тетарска дејност, како и спортски настан – „Петровденскиот турнир во мал фудбал“.
Програмата ќе започне со концертот под наслов „Музика за флејта и пијано“ со флејтистката Златка Митева и пијанистката Наташа Трбојевиќ.
Во Ликовниот перформанс, на 6 јули, ќе учествуваат Божица Милојевиќ, Владимир Темков, Новица Трајковски, Љупка Галаска Василев, Игор Љубовчевски-Љубац и Гордана Винчич, уметници кои ќе творат по инспирација од Кочани.
Поетската вечер „На Јановден на конак“ ќе се одржи на 7 јули, а ќе биде проследена со етноизлагање на тема Јановденски обичаи, а во етностил ќе бидат и разговорите за празникот Петровден закажани за 9 јули што ќе ги води проф. д-р Зоранчо Малинов.
Своевиден куриозитет во програмата се двата музички настани: хип-хоп концертот на Чиста Околина, Токсилокози, Мартикс и ди-џеј Мастер Џи и концертот на составот Fighting Windmills, кој на 10 јули вечерта во Паркот на Револуцијата ќе понуди експериментален џез и пост-рок.
Театарската претстава „Пеликан“ во режија на Перо Даниловски ќе биде прикажана во вторник, на 10 јули, на сцената на Центарот за култура „Бели мугри“, а ден потоа на истата локација, е Духовната академија по повод Петровден на која ќе настапат црковен хор и етногрупата „Портал“.
По повод Петровден градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев организира прием за првенците на генрерацијата и за наградените ученици од општинските и средните училишта, а на 12 јули Советот ќе ја одржи свечената седница на која ќе бидат доделени највисоките општински награди и признанија.
Програмата финансиски се реализира со средства од буџетот на Општина Кочани и од Центарот за култура „Бели мугри“.