Делчево, 08.08.2018
Пред неколкуилјадна публика од Делчево, но и од соседните општини, познатиот музичар и шоумен Игор Џамбазов заедно со бендот на Гуру Харе, приредија концерт за паметење кој предизвика позитивен „земјотрес“ во градот под Голак. Предгрупата „Шекспир“ од Кочани со одлична интерпретација на светски и домашни хитови, одлично ја подгреа атмосферата, па настапот на неповторливите Џамбазов и Гуру Харе, донесе незаборавен спектакл на летната сцена во градот.
Познатиот шоумен ги почести делчевци со двочасовен концерт и со премиерна изведба на новиот хит „Секој ден“, а на свој уникатен начин ја отпеа и песната за Делчево, „Градот на војводата“, нумера посветена на големиот револуционер „Гоце Делчев“, нумера која датира од 1997 година, кога за прв пат Џамбазов ја изведе во рамки на настапот во популарната „Џубокс Арена“ во Делчево.
Концертот беше во организација на Општина Делчево и со несебична поддршка на делчевецот, познат музичар и аранжер, Дејан Ѓеоргиевски-Ѕене, а во рамките на кампањата „Да ја поддржиме приказната на Делчево“.
Концертот беше во организација на Општина Делчево и со несебична поддршка на делчевецот, познат музичар и аранжер, Дејан Ѓеоргиевски-Ѕене, а во рамките на кампањата „Да ја поддржиме приказната на Делчево“.
Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека во еден современ град, квалитетот на животот не се мери само во инфраструктурата, иако тоа е негова примарна заложба, туку значајна улога во квалитетот на животот на граѓаните има и културната понуда.
– Културата ја храни душата, промовира вредности, го јакне идентитетот, носи промоција. Во таа смисла се и нашите напори во Делчево да има повеќе настани од областа на културата, да понудиме на нашите граѓани, но и на жителите од околните средини, причина повеќе да уживаат во Делчево. Во таа смисла е и организацијата на вечерашниов концерт на летната сцена. Верувам дека ако го препознаеме овој факт и сите заедно добро се организираме, можеме со вакви настани да си ги почестиме нашите граѓани и до Делчево, барем за една вечер, да водат сите патишта. Во првиот наш обид да промовираме нови вредности и да го воведеме Делчево во нова приказна, вечерва успеавме, истакна Трајковски.