„Бучим“ објави загриженост за иднината, а донираше камион за смет и автомобил за ОО на Црвениот крст
Радовиш, 28.08.2018
Денот на рударите денеска свечено беше прославен и во рудникот за бакар „Бучим“. Од свеченоста беше испратена порака во која провејуваше силна загриженост за иднината на рудникот.
„Ако за најногу 18 месеци не добиеме дозвола за експлоатација на рудното тело „Боров Дол“ тогаш се соочуваме со извесната можност на самиот почеток од 2020 година на рудникот да му ставиме катанец“, изјави Николачо Николов,заменик генерален директор во „Бучим“.
Според Герасим Конзулов, градоначалник на Радовиш, ако се затвори рудникот тоа би значело и затворање на оштината.
„Рудникот Бучим во вкупниот буџет на општината учествува со 55 проценти. Замислете си што ќе стане од нашата општина ако овој наш темелен стопански капацитет се затвори“, посочи Конзулов.
Министерот Зоран Шапуриќ кој беше на прославата вети дека до такво нешто нема да дојде.
„Оваа Влада е исклучително посветена на стопанството. Ќе направиме се што е во наша моќ и, секако, во рамките на законите, „Боров Дол“ да може да се користи од страна на „Бучим“ и овој рудник да си остане како еден од примарните репрезенти на рударството во Македонија. Тоа е од исклучително значење ако се знае дека од рударството во државата живеат 12.500 лица, а оваа гранка остварува извоз од 250 милиони долари“, рече Шапуриќ.
Рудникот денес награди 46 директни работници, три смени и шестмина раководители. Во однос на бројот од 700 вработени, наградени се осум проценти од вработените.
„Бучим“ и денес се покажа како општествено силно одговорна фирма зашто на ЈКП „Плаваја“ му подари камион за собирање и изнесување на смет, а на Општинската организација на Црвениот крст автомобил за секојдневни потреби.