ДЕЛЧЕВО: Дворот на Сања Атанасова и на Детската градинка најубави
Делчево, 04.08.2018
Дворот на Сања Атанасова, во конкуренција на индивидуални објекти од населбата Расадник и дворот на детската градинка „Весели цветови“во конкуренција на општествени објекти се најубавите дворови во Делчево. Ова го одлучи Комисијата составена од стручни лица кои изминатиов период ги посетија сите пријавени 15 дворови по Јавниот конкурс објавен од Општина Делчево. Татијана Стојковска, член на Комисијата, истакна дека сите пријавени дворови се убави на свој начин и заслужуваа внимание и дека тешко ја донеле одлуката кој од убавите дворови да се издводи.
„Сепак, одлучивме да ја наградиме креативноста на нашата сограѓанка Сања и со тоа да ги поттикнеме сите наши сограѓани, да продолжат со оваа благородна работа, да си создадат свое катче во дворот кое не само што ќе биде нивни украс и украс на градот, туку ќе придонесат за убав тренд во Делчево. Дворот на Сања импресионираше со пропратните елементи кои сама со помош на нејзината сестра и со свои раце ги сработиле, како што е фонтаната со езерцето, потоа тука е летниковецот, тревникот, дворот не е голем, но е сѐ на свое место и ова е доказ дека со идеја и малку средства, може многу да се направи“, истакна Стојковска.
Дворот на Детската градинка е претворен во прекрасно место во кое безбедно и со многу уживање се играат децата од истата. Билјана Симовска, директорка, вели дека убавиот двор е исто така важен како и секое ддруго катче од градинката и најавува нови идеи во аражманот на целиот простор. –„Идејата на локалната самоуправа е прекрасна, со такви идеи и нашето Делчево ќе се разубави на еден посебен начин“, рече Симовска.
Општина Делчево на сопствениците на двата најубави дворови ќе додели награда во паричен износ од 10 илјади денари, а сите учесници на Јавниот конкурс ќе добијат соодветни благодарници за учеството и за нивниот труд, за поубаво Делчево. Наградите ќе се доделат на Свечената седница на Советот по повод Денот на ослободувањето на Делчево, на 7 Септември.
Општина Делчево најавува дека со поддршка на градоначалникот Трајковски, акцијата за избор на најубаво уреден двор кој се спроведува во рамките на кампањата „Да ја поддржиме приказната на Делчево“ ќе прерасне во традиција, а акцијата наредната година ќе биде објавена во пролетните месеци со цел да се поттикнат делчевци навреме да ги подготват дворовите и помасовно да учествуваат на конкурсот.
Сања Атанасова ја искажа својата среќа од фактот дека нејзиниот двор е избран за најубав во градот под Голак.
„Секој од нас сака да го направи местото во кое живее атрактивно.Ние сакавме да донесеме топлина, атмосфера и оригиналност.Поминување на време во простор што не прави да се чувствуваме удобно,добро и среќно е најважно од се.Во ова голема улога игра начинот на уредување и декорирање на истиот.Ова не се однесува само за внатрешниот дел туку и за дизајнот на дворот. Ако е правилно дизајнирана, парцелата или градина, од првите чекори со будењето наутро и гледајќи од прозорецот ни прави да уживаме во прекрасниот поглед.Идејата на мене и на мојата сестра ни беше од некои бои, и сосема непотребни стари работи т.е стари предмети да искомбинирани со разни видови на камен да се создаде модерна декорација привлечна за самото око“, вели Атанасова.
Таа додава дека за реализација на самиот двор им бил потребен подолг период од 1 година.
„За правилно и рационално уредување на дворот пред се мора да се нацрта проект, за визуелно да се испланира локацијата на зоните на местото и просторот што го заземаат. Потоа, потребна е максимална посветеност и инспирација во искористување на просторот. Овој двор е креиран со голема еколошка свест.Нашата цел ни беше да ги вклопиме традиционалните материјали со модерниот дизајн. Да биде место кое многу лесно ќе се вклопи со постоечките елементи во самиот двор.Често дворовите изгледаат мрачни и тмурни места па затоа ние сакавме да внесеме весели бои да осветлиме со помош на перници, ткаенини, саксии во разни бои,животни и слично. Не е потребно да се потрошат многу пари за тоа е потребна идеја и простор.Ако димензиите на дворот на вашата куќа ви дозволуваат да организирате простор за рекреација, тогаш не треба да се одрекувате од тоа задоволство. Дури и мала маса и столчиња со меки седишта може да ги красат дворот и да го направат вашето поминување удобно и пријатно.Не само што може да има појадок, ручек или вечера на отворено, туку и да прочитате книга, да пиете чај и да се релаксират“, вели Сања Атанасова.