Штип, 21.09.2018
Вечерва градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, заедно со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, официјално ја отворија годинешнава „Пастрмалијада“ со церемонијално сечење џиновска пастрмалија на главната сцена.
Градоначалникот Бочварски и амбасадорот Жбогар ѝ се обратија на штипската публика и ѝ посакаа убаво расположение во деновите кои претстојат, а во кои ќе се слави традиционалниот штипски специјалитет. За време на церемонијалното отворање, градоначалникот Бочварски и амбасадорот Жбогар на сцена беа придружувани од страна на вицепремиерката Радмила Шекеринска, музичките изведувачи Кристина Арнаудова и Влатко Стефановски, како и кулинарите кои ја подготвија џиновската пастрмалија.
На свеченото отворање му претходеше настап на пејачката Кристина Арнаудова, за време на кој градоначалникот Бочварски, амбасадорот Жбогар и претседателот на Совет на Општина Штип, Јане Миланов, ги разгледаа штандовите и разговараа со посетителите.
После свеченото отворање започна настапот на Влатко Стефановски, а во текот на вечерта ќе настапат и пејачката Дани Димитриевска и рок групата Ван Гог.
Годинешнава „Пастрмалијада“ ќе трае до недела, а пред штипската публика ќе настапуваат: Зоран Илиев, Јоце Панов и Северина во сабота, но и Либеро Бенд, Мирза Селимовиќ и Амадеус Бенд во недела.