Штип, 12.11.2018
Денес во Штип за во 14 часот е најавен голем протест на булеварот „Гоце Делчев“ кај средното општинско училиште „Коле Нехтенин“. Протестот е во знак на револт поради тешката сообраќајка која се случи на 9 овој месец, кога несовесен возач на пешачки премин „покоси“ 15 годишен ученик во ова училиште. Ученикот е во штипската Клиничка болница каде лекарите се борат за неговиот живот. Според најавите на социјалните мрежи, протестот ќе ја носи пораката „Преземето нешто, заштитете ги децата“.
Преку социјалните мрежи граѓаните дадоа повеќе предлози како да се заштитат децата и другите пешаци на тоа критично место. Најголем дел од предлозите се кај ова училиште да се изгради пешачки мост, каков што е пешачкиот мост кој ги поврзува двете страни на Исарот, а кој на градот, заради безбедност на пешаците, го подари познатата штипска компанија „Актива“. Граѓаните бараат и редовно присуство на сообраќајната полиција на ова и други вакви опасни по пешаците места, а има и други предлози. Но, секако на потег се експертите по сообраќај.
Пред 10 години имавме случај во кој на булеварот „Гоце Делчев“ смртно настрада момче. Штипски Глас тогаш направи истражување, да се постапеше според него денес младо момче немаше да се бори за својот живот…
Штипски Глас во својот број од месец декември, 2008 година (значи пред десет години) во својата анализа под наслов „Булеварот на смртта“ пишуваше на оваа тема. Поводот беше ист: тешка сообраќајна несреќа во која смртно настрада младо момче кое претрчувало од едната преку другата лента на булеварот кај тогашен „Мултикрем“.
Од штипската полиција –сообраќаен сектор тогаш посочија дека за 9 месеци во градот и општината се случиле околу 400 сообраќајни незгди! Експертите укажаа дека сме се соочувале со 11 критични точки во сообраќајот. Тоа се: неприлагодување на брзината според условите на патот, непочитување на сообраќајните знаци, возење под дејство на алкохол, недоволно квалитетна патна инфраструктура, недоволен број автобуски постројки, мал број паркинг места, недоволен број таски стојалишта, недоволен број сообраќајни знаци, нивно несоодветно поставување, непочитување на поставените сообраќајни знаци, неотстапување на првенство на минување… Како проблем беше посочен и фактот дека градот нема полигон на кој младдите сообраќајно ќе се образуваат и воспитуваат.
На булеварот „Гоце Делчев“, или „Булеварот на смртта“, голем проблем е што меѓу двете коловозни ленти нема ограда. На дел од булеварот, меѓу двете ленти, се засадени дрва како еден вид жива ограда, но и таа, самата по себе, наместо да реши проблем стана опасност за пешаците.
Предупредувањата кои Штипски Глас ги даде пред десет години, а чие непочитување денес го плаќаме со нов случај на тешко повредено момче на пешачки премин, е само доказ дека кон многу значајни работи ние не се однесуваме соодветно, а во некои случаи како и со „Булеварот на смртта“, нашиот однос е крајно неодговорен.
Дали после оваа тешка несреќа и најавениот протест на ученици, родители, граѓани ќе се поправат работите, останува да покаже времето.