Општина Делчево ќе биде дел од проектот имплементиран од НВО КХАМ Делчево со наслов „Преку Стратегија и локални акциски планови до еднакви можности за мажите и жените во општините Делчево, Берово и Пехчево“,финансиран од ЕУ, регрантиран од „Квина тил Квина“. Согласно со проектот, ќе се гради заедничка Стратегија за родова еднаквост за општините Делчево, Берово и Пехчево, документ кој треба да помогне во остварување на еднаквите можности на мажите и жените во трите општини.
Комисиите за родова еднаквост кои се дел од советите на општините, како и координаторите на комисиите како дел од општинската администрација, во следниот период ќе имаат можност да учествуваат на работилници и со своето активно учество да придонесат документот да ги опфати сите сегменти за родовата еднаквост, конкретно во секоја општина. Следниот чекор ќе биде донесување на акциските планови за секоја општина посебно што, всушност, е и законска обрска на советите на општините. Овие два значајни документи за општините ќе бидат донесени до средината на идната година по што ќе бидат усвоени од советите на трите општини.
Остварувањето на еднаквите можности на мажите и жените овозможува еднакво учество на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор, еднаков статус и третман во остварувањето на нивните права, како и еднакви придобивки од остварените резултати.
Во овој контекст, работењето кон целта за постигнување вистинска родова еднаквост и справување со постојните нееднаквости, често значи да се работи различно со жените и мажите и да се признае дека мажите и жените имаат различни потреби и приоритети, се соочуваат со различни пречки, имаат различни аспирации и придонесуваат за развојот на различни начини. Сензибилизирањето за родовите прашања и поттикнување на работата на комисиите за родова еднаквост се појдовна основа за понатамошни акции во оваа сфера.