Штип, 16.01.2019
Селото Почивало сместено во планината Плачковица преку зима е главно отсечена од остатокот на светот. Околу осумдесеттина жители тоа си го знаат па на време се снабдуваат со храна за себе и за стоката и со сите други потребштини.
Според градоначалникот Благој Бочварски, ЈП „Стипион“ го има исчистено патот до Шашаварлија но понатаму не се можело па останале шест километри пат со многу снег.
„Селаните главно го користат патот преку рудникот Бучим кој беше проширен и упристоен пред последните локални избори за што се погрижи раководството на рудникот „Бучим“. Но, дел од жителите го користат и патот кој директно води за Штип. Денес возило на нашата противпожарна територијална единица со џип пренесе една жена со нарушено здравје од Почивало до штипската болница“, вели Бочварски.
Денес во друг случај, а во организација на општината и на ТППЕ Штип, противпожарен џип се проби до Почивало од каде зеде петмина жители кои ги донесе во градот. Возилото ги почека селаните да си купат намирници за себе и за луѓето од селото, по што пак ги врати назад.
„Ние сме во секојдневна комуникација со жители на Почивало, подготвени сме во секој момент ако тоа е потребно да испратиме специјално возило за да им помогнеме на луѓето“, појаснува Бочварски.
Инаку, Почивало е на надморска височина од 600 метри, а според последниот попис од 2002 година таму живеат 79 лица од кои 74 се од турска, а петмина од македонска националност. Колкумина се денес не е познато.
Минатата година, во месец февруари, две болни деца од ова село со возило на АРМ беа префрлени во болница во Штип (види фотографија) Тоа говори дека селаните горе воПлачковица не се оставени сами.
Од Штип до Почивало има близу 19 километри