Кочани, 01.02.2019
Синоќа во ресторанот „Але-дар“ се одржа манифестацијата „Избор на спортист на“ на која беа доделени наградите на најуспешните во спортот во Кочани за 2018 година.
Според одлуката на новинарите, годинава за најуспешен спортист е прогласен Тошо Антов од Планинарскиот спортски клуб „Осогово“.Лани Антов го искачи највисокиот врв во Италија, Гранд Парадизо (4061 м), најдолгата и најтешката ферата во Европа во должина од 12 км на Доломитите во Италија со искачување на најтешкиот врв од алпинистички карактер, Пунта Пенија (3343 м). Тошо Антов е лиценциран планински водич кој годишно ги искачува скоро сите највисоки врвови на Балканот и во Европа: Рила, Пирин, Олимп, како и највисоките врвови во Македонија.
На листата на десетте најуспешни спортисти за 2018 се најдоа и: Стојан Анастасов (Клуб за гимнастички спортови „Кочани“); Горги Петров (Карате клуб „Партизан“), Филип Филипов (Кошаркарски клуб „Баскет Дино“), Љубомир Давитков (Карате клуб „Кочани“), Мартина Шахинова (Карате клуб „Партизан“), Ристе Симеонов (Клуб за гимнастички спортови „Кочани“), Ива Таушанова (Карате клуб „Партизан“), Станкица Атанасова (ЖФК „Кочани“) и Дамјан Крстов (Џудо клуб „Гладијатор 2016“).
За најуспешен млад надежен спортист е прогласена Јована Давиткова – државен првак во шах во категоријата девојчиња до 10 години, учесник на Европското младинско првенство во шах коешто се одржа во Латвија, каде се соочи со прваците на 48 држави од Европа; учесник на повеќе домашни и меѓународни шаховски турнири. На манифестацијата Јована Давиткова бече претставена како одличен пример за постигнувањата на младите кочански шахисти и продолжувач на трофејната шаховска традиција на Кочани.
Во изборот на десетте млади спортски надежи влегоа и: Филип Стојанов (Карате клуб „Партизан“); Петар Ивановски (Кошаркарски клуб „Баскет Дино“), Ана Апостолова (ЖФК „Кочани“), Антонио Јаношевиќ (Клуб за гимнастички спортови „Кочани“), Кирил Крстов (Планинарски спортски клуб „Осогово“),Благоја Тасевски (Карате клуб „Партизан“), Марио Симоски (ФК „Фудбал Старс“), Наталија Карова (Карате клубот „Кочани“), Давид Стоиков (Ракометниот клуб „Младинец“) и Стефанија Павлова (Џудо клубот „Гладијатор 2016“).
За најуспешна спортска екипа во 2018 е избран Кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“, за најуспешен тренер е прогласен Николче Колев, за најуспешен спортски работник – Благојчо Каров и двајцата од Клубот за гимнастички спортови „Кочани“.