Изборниот парадокс на Блатец

Виница, 13.12.2016

Блатец, најголемото село во општина Виница, истовремено и најиспустено бидејќи најголем дел од младата популација се пресели во Италија каде си најде пристојна работа за пристојни пари, е еден од изборните феномени во државава.

Иако некогаш најголемот село најмногу се испразни во последната декада, а во него доминантно останаа стари жители, сепак селото убедливо гласаше за ВМРО ДПМНЕ. Имено, 457 полнолетни граѓани го дадоа својот глас за владејачката партија, а 176 гласаа за опозицискиот блок.

Блатец некогаш беше многу живот село. Најголемо, најразвиено, со најмногу новороденчиња, со млади кои склучуваа бракови… На Илинден, празник на селото, таму доаѓаше цела Македонија.

Но, денес Блатец нема повеќе од 700 жители. Иако во 1953 имал 3.241 а во 2002, (последен попис) имало 1533 жители,  денес селото е една голема пустелија. Да не си дојдеа блатчани од другите места за да гласаат во селото бидејќи на тие адреси се водат како жители, бројот на гласачи немаше да биде повеќе од 300.

Во двеилјадитата година за неделникот Глобус правев репортажа за селото. Една постарат жена се подготвуваше да ги испрати во Италија синот, снаат, внукот и внуката кои беа мали дечиња, сеуште непојдени во училиште. Жената ми рече дека останува сама зашто сопругот и починал.

„Лоши времиња дојдоа пријателе. На времето кога за празник ќе заколевме јагне, ќе му ја одеревме кожата, ќе ја однесевме во задругата, и веднаш ќе ни платеа. Денес ем не дерат ем не ни дават да плачеме“, ни рече тогаш жената која остануваше сама во убава, двокатна куќа во селото под Плачковица каде и летата се пристојни за релаксиран живот.

Приказната на жената во години  е приказна за испустените македонски села како резултат на оваа примитивна, ненародна политика, села од кои бега се што може. Нејзината ќерка и зет сосе внучињата заминале за Италија пред пет-шест години, а нејзиниот син и снаа со децата се спремаа за преселба во Италија зашто таму, кај сестра си, си нашле работа од која можеле пристојно да живеат.

И, ете ти го блатечкиот парадокс. Во тие и такви услови, кога се што може се иселува, кога оризот не им се откупува, а другите земјоделски производи немаат цена, кога нема фабрики, блатчани гласаат за вемерето чија политика ги брка од родните огништа. Тие можеби гледаат само Сител ТВ, па никогаш не слушнале за фактот дека тоа им го прави најбогатата партија во Европа, со зграда од која не би се посрамотил ниту некој султан, со мерцедеси од 600.000 евра, со плацеви за џабалак, со „Миле ми текна“, со….

Овие денови пак ќе одам во селото. Ќе ја побарам постарата госпоѓа да видам каде и отидоа синот и снаата, ќерката и зетот, четирите внучиња…И да ја прашам дали сеуште пор азни основи ја дерат, а не и дават да плаче. Разговорот ќе биде објавен во Исток прес. Значи тука.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе